Македонија
16. November 2026 - 16:33

Остри партиски реакции по насилството во Охрид

Скандалозна одлука за која некој во обвинителството мора да одговара. Остра реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Обвинителство за охридскиот насилник да не бара притвор. 

„Откако МВР постапило и го обезбедило осомничениот за насилството, надлежниот јавен обвинител го пуштил на слобода, со благи мерки на претпазливост и тактизира. Ова е скандалозно однесување на Обвинителството, за кое мора да има одговорност.

Доколку постојат индиции дека кој било, дури и од Обвинителството, се обидува да го заташка случајот или на незаконски начин да влијае врз постапката, мора веднаш да биде изведен пред лицето на правдата. Институциите не смеат да имаат милост кон насилниците!“– се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Од СДСМ обвинија дека осомничениот за насилство добива посебен третман бидејќи неговите родители се блиски до власта, а партискиот форум на жени за утре попладне најави протест во Охрид.

Наместо за тешка телесна повреда, насилникот на одговара за обид за убиство а со законот да се соочат и неговите родители доколку се обиделе да заташкуваат, побара претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

„ОЈО да да иницира одземање и вештачење на мобилни телефони, како и примена на посебни истражни мерки за утврдување комуникации меѓу насилникот и неговото семејство за да утврди и да докаже лесно ако имало повици.“ – напиша Зајкова на социјалните мрежи.

Казни побараа и од Левица

„Ниту еден насилник, евентуален помагач и службеник што ја злоупотребил својата положба не смее да остане надвор од посегот на правдата. Во држава која е трета во Европа по број на фемициди не смееме повторно да чекаме поголема трагедија за да се пробуди јавноста, ниту обдукција за да се разбудат институциите!“ – се вели во соопштението на партијата. 

Партиските реакции следат откако мајката на претепаното девојче обвини дека родителите на осомничениот за насилство се обидуваат да го заташкаат случајот користејќи врски со владејачката партија, како и одлуката на охридското обвинителство да не бара притвор за овој случај.