Македонија
1. January 2026 - 16:48

Бурна ноќ за полицијата и лекарите: Убиство, пресметки и тешки повреди од пиротехника

Цената на славењето со оружје и невниманието уште еднаш ја платија најмладите. Две годишно дете се бори за живот на клинички. Со повреда на главата завршило по новогодишната ноќ, постои сомнеж дека се работи за прострелна рана. Настанот е пријавен во ПС Гази Баба, но засега нема детали како се случила повредата. Неофицијано 2 годишното дете било со родителите. 

Случајот за 2 годишното дете го потврди и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој појасни дека се работи за метален фрагмент, но истрагата допрва треба да утврди како точно дошло до ранувањето. Со повреди од огнено оружје на клинички во Скопје е донесен и маж од Битола кој се самоповредил. 

Во старата скопска Чаршија се случи крвав инцидент со фатални последици. Едно лице е убиено, а друго се здобило со тешки телесни повреди по масовна тепачка во која учествувале повеќе лица. Убиениот е турски државјанин, осомничено е едно лице кое во моментов е во бегство.

Лекарите се борат и за 16 годишно момче од Штип кој паднал од височина. Кобно било славењето и за 30 годишен маж кој е пронајден во Буњаковец со тешки повреди при пад од зграда. Употребата на пиротехника, и покрај апелите, испрати дури 20 лица на клиниките. Меѓу нив се и две деца на возраст од 12 и 13 години кои завршија во операциона сала на Детска хирургија. Насилството се прелеа и по улиците. Тепачки се случиле на повеќе локации во Скопје и другите градови уште пред полноќ. 

На новогодишната ноќ се случиле и 23 сообраќајни несреќи од кои две со потешки телесни повреди. Се водат постапки за 49 лица, од кои во најголем дел за недозволена трговија со дрога.