Цело Скопје е затрупано со ѓубре, неизвесно е дали утре ќе возат автобусите на ЈСП
Автобусите на ЈСП имаат нафта за до утре, барем така вели синдикатот. Откако вчера Град Скопје информираше дека фирмата која го снабдува претпријатието со гориво, ја прекинало испораката, а компанијата рече дека им должат над 10 милиони евра, се отвори прашањето дали и како ќе функционира јавниот превоз во главниот град.
Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, од вчера не крева телефон и не им кажува на граѓаните од кои, впрочем, зема плата, дали ќе има со што да се превезат. Па, така ни останува сите информации да ги добиваме од сидникатите. Претседателот на независниот синдикат на возачи, ни кажа дека вчера стигнале дваесетина тони нафта – количина што, според него, е доволна само за денеска. Ни тој не знае дали во базите ќе стигне нова тура гориво.
„Голем срам е ова што се прави. Ги оставаме луѓето, карта си плаќаат, децата без школо ги остававме, на клиника треба да одат, па веќе претерано е. До кога ова вака? И ние сами страдаме. Срам ми е мене да стојам тука и да им кажам дека денеска немаме возила. Зошто? Затоа што немаме нафта. Некој требало тоа да го среди однапред, а не да седиш само во фотелја и да гледаш филмови. Зошто сте поставени таму? За да го решите проблемот. Реши го проблемот. Е па, не можеме да го решиме пробемот. Па оди си дома“ – Африм Муча, претседател на независниот синдикат на возачи на ЈСП
И додека граѓаните се во неизвесност за превозот, цело Скопје е затрупано во ѓубре. Сите контејнери се преполни, внатре повеќе не собира отпад, па наоколу се формирани мини депонии. Расфрлани се вреќи и ќеси со секаков вид ѓубре и по тротоарите и низ тревниците. Непријатна миризба се шири на десетици метри. Граѓаните стравуваат од зарази и глувци.
„Ова е жива болест, зараза. Не знам што е причината, недела дена секаде низ градот се преполни контејнерите. Недела дена не е собрано ѓубрето“
„Народот нема кај да фрламе ѓубре, се’ смрди, до контејнерите ѓубрето го оставаме, еве се гледа“
„Мизерија, не знам што да кажам. Две недели, три, сигурно не е собрано ѓубрето“
„Секаде има, каде што поминав контејнерите се полни, преполни“
„Мириса. Кој е тој што не му пречи? Сите сакаме да биде чисто, ама и до луѓето и до надлежните е“
Од Комунална хигиена немаат никакво известување до јавноста која е причината што не се собира ѓубрето. Градоначалничката Арсовска вчера на Фејсбук напиша дека Управниот и надзорниот одбор ги управуваат ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и тие се одговорни за хигиената во градот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар