Бизнис
23. October 2026 - 16:27

Цените на енергенсите растат, граѓаните стравуваат од нови поскапувања

Цените на енергенсите растат, оптимизмот во еврозоната опаѓа, граѓаните стравуваат од нови поскапувања. Нафтата денеска се продаваше над 5-месечниот максимум, по нападот на јеменските Хути врз Саудиска Арабија. Барел Брент надмина 115 долари, додека американската над 101. Инвеститорите сè повеќе вложуваат во злато, чија цена, според експертите од Фајненшл тајмс, во следните 12 до 18 месеци би можела да достигне нов рекорд. Во моментов унца се продава за 4.100 долари, а до крајот на годината може да порасне уште 800 долари. Берзанските аналитичари сугерираат дека инвеститорите треба да го диверзифицираат ризикот и да ги избегнуваат вложувањата во поризични портфолија кои носат повисок принос.

 – Денес пазарот бележи пад во сите сектори. Цената на нафтата расте, додека каматните стапки паѓаат. Присутна е тенденцијата за пренасочување кон посигурни инвестиции, што ги зголемува цените на обврзниците, а ги намалува приносите. Од друга страна, технолошкиот сектор, кој спаѓа во групата поризични вложувања, денес бележи значителен пад. Сметам дека за инвеститорите сè уште постои можност да поседуваат ризични средства или акции, но треба да ја диверзифицираат својата изложеност на пазарот, изјави Мајк Мусио, претседател на ФББ Капитал Партнерс.

Забавува и економската активност во еврозоната. Овој месец е на најниско ниво во последните 4 месеци, додека растечките цени на енергенсите, горивата и транспортот создаваат притисок врз компаниите да ги зголемат цените, покажува истражувањето на Стандард и Пурс. Паѓа и расположението на потрошувачите во еврозоната. Граѓаните сè повеќе се загрижени за високите трошоци за живот, бидејќи се намалува нивната куповна моќ. Цените во еврозоната во септември се зголемија за 3,8 отсто, што е најголемо поскапување во последните 3 години. Овие резултати се полоши од очекувањата на економистите, со што се намалува и довербата дека инфлацијата ќе се стабилизира. Најновите податоци покажуваат и речиси целосна стагнација на вработувањата во еврозоната.