Бизнис
9. November 2026 - 16:44

Цените на горивата паѓаат, животните трошоци растат

Значително поевтинување на горивата. Од полноќ, Еуросупер БС-95 ќе се продава по 86 денари за литар, а 98-октанскиот по 88 денари. Дизелот, пак, ќе се точи по 94.5 денари.

Во одлуката на Регулаторна е применета владината одлука за намалено ДДВ на дизелот од 10%, како и намалена акциза за 4 денари. Кај бензините акцизата е скратена за 2 денари. 

„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа во просек кај бензините за 12,3%, a кај дизелот за 6,7%. Курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,5%“, објаснуваат од Комисијата. 

Во меѓувреме, инфлацијата повторно забрзува. 

Животните трошоци во октомври биле за 3,3 отсто повисоки во споредба со истиот месец лани. Најголемо поскапување од 9 и пол проценти има кај транспортот, а високо на листата се и рекреацијата и културата, рестораните, облеката и обувките. Храната и безалкохолните пијалаци за една година поскапеле за 2,1%. 

Највисок раст кај прехранбените производи има кај зеленчукот, месото и маслата. Намалување, пак, има кај трошоците за овошје.

„Ваквите движења укажуваат дека инфлацијата и натаму се движи во рамки на релативна ценовна стабилност, без изразени месечни ценовни притисоци. Доколку се утврдат неоправдани ценовни зголемувања или дополнителни притисоци врз животниот стандард, во координација со надлежните институции ќе се разгледа потребата од преземање соодветни мерки“, велат од Министерството за економија.

До следната недела треба да биде објавена и државната потрошувачката кошница за тоа колку пари му биле потребни на четиричлено семејство во октомври. За септември таа беше околу 58 илјади денари – односно 12 илјади помалку од синдикалната минимална.