Министерката за финансии немала информации за влезот на Алта банка, Филипче бара нејзина оставка
Загриженоста кај граѓаните е оправдана, но место за паника нема. Алта банка има незначително учество на пазарот и очекувањата на министерката за финансии се дека за брзо време ќе се најде купувач. Кои банки се заинтерсеирани, вели дека нема информации, затоа што до сега немала комуникација со гувернерот. За се што се случува, дознавала од медиумите. Тврди и дека не била консултирана за влезот на Алта банка во земјава.
„Ние како Министерство не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кои претходно други институции, банки биле заинтересирани. Така што, најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по однос на ова прашање“, изјави Гордана Димитриоска Кочоска, министерка за финансии
Лидерот на СДСМ, Филипче, на социјалните мрежи објави Записник од владина седница, кој покажува дека министерката била информирана и лично предложила заклучоци поврзани со понудата за преземање акции од страна на Алта банка Белград на 16 јавни институции. Побара оставка од министерката и истрага од Јавното обвинителство.
Од Финансии велат дека владината седница е по преземањето на Стопанска Битола од страна на Алта, а заклучокот се однесува на обезбедување информации кои јавни институции имале акции во Стопанска банка Битола.
Случајот го следат и од јавното обвинителство.
Попладенво истекува рокот од 3 дена што гувернерот Славески му го даде на регулаторот во Србија, да се изјасни дали Алта банка Белград ќе ги понуди на продажба акциите на Алта банка Битола. Ако не добие одговор, по истекот на 10 тина дена Народната банка ќе ги понуди на продажба акциите на Алта на македонската берза.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
