Цените на становите растат побрзо од платите, новите мерки на НБРМ ќе им помогнат на младите
Младите и новите брачни парови ќе имаат најголема придобивка од мерките на Народната банка за подостапни кредити за купување прв стан, велат познавачите. Според претседателот на здружението на градежништво, Андреа Серафимовски, овој потег ќе го ублажи ударот од поскапувањето на становите.
Вели, младите живеат по кирија бидејќи имаме голем пораст на цената на станбениот квадрат. Ако пред ковид-кризата во Центар можеше да се купи квадрат од 1.250 евра, Серафимовски вели сега тоа е невозможно.
„Сега цените во општината се движат над 2 илјади евра. Тој енормен скок на цената на станбениот квадрат не ги следи покачувањата на платите и младите се оние кои најмногу губат во оваа ситуација, затоа што тие се на старт на кариера, немаат големи заштеди и ним неопходно е да им дадеме помош во моменти кога гледаме дека нема изгледи дека цените на станбениот квадрат ќе паднат во блиска иднина. Секако дека е тешко доколку сте млад човек да купите стан затоа што сега за 100 квадрати стан во општина Центар или во подобрите општини, Карпош, Аеродром, треба да издвоите минимум 200 до 250 илјади евра. Не знаеме детали се уште, но сепак ја поздравуваме одлуката дека некој се грижи за младите“ - изјави Андреа Серафимовски, Претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали.
Во меѓувреме, Министерството за финансии прави анализи дали и по Нова година становите што се продаваат за првпат ќе се даночат со 5% ДДВ или стапката ќе се врати на старото ниво од 18 отсто.
„Во рамки на Министерството за финансии, а во координација со останатите релевантни институции ќе се направи детална анализа во однос на истото и доколку се оцени неопходно преземањето на определи мерки и активности, истите ќе бидат предложени до Владата на понатамошно разгледување и одлучување“, ни кажаа оттаму.
Серафимовски, пак, очекува оваа мерка да биде продолжена. Во спротивно, вели, дел од разликата ќе падне на терет на купувачите.
„Ве уверувам дека доколку остане повластената стапка тогаш може и да се надеваме на некоја стабилизација на цената, која јас очекувам да биде кон крајот на оваа година или почетокот на следната. Доколку се врати ДДВ-то за прво купување од 18% верувам дека тоа најмногу ќе го почувствуваат купувачите затоа што ниеден инвеститор тоа нема да го вкалкулира во сопствените трошоци, туку тоа ќе биде на терет на купувачот. И да не може целото да го префрли од 18%, дел ќе префрли на нивен терет, никој нема да се откаже од профит од 18%“ - додаде Андреа Серафимовски, Претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали.
Повластената стапка од 5% беше воведена во 2010 година како антикризна мерка за поддршка на градежниот сектор. Требаше да важи пет години, но оттогаш постојано беше продолжувана. Последен пат во 2023-та кога беше одлучено да важи до 31 декември 2025.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар