Чеферин со голема поддршка за ФФМ и Омерагиќ: Македонија повторно ќе игра на ЕП
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, изрази уверување дека македонската фудбалска репрезентација повторно ќе обезбеди пласман на Европско првенство, нагласувајќи дека Фудбалската федерација на Македонија се движи во вистинска насока и дека за создавање успешна генерација се потребни време и трпение.
Во интервју за ФФМ, по неодамнешната посета на Македонија на покана на претседателот Масар Омерагиќ, Чеферин истакна дека резултатите на националниот тим не треба да бидат единственото мерило за напредокот на македонскиот фудбал.
„Луѓето постојано ги гледаат само резултатите на А репрезентацијата, но мора да разберат дека тоа е процес. Доаѓам од земја со приближно иста големина како Македонија и знам дека е потребно време за да се создаде вистинската генерација за вистински резултати. Македонската федерација се движи во вистинска насока. Македонија повторно ќе игра на Европско првенство“, порача Чеферин.
Првиот човек на европскиот фудбал упати и пофалби за претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, оценувајќи дека станува збор за човек кој добро ги разбира фудбалот и спортско-политичките односи.
„Тој е остроумен, го разбира фудбалот, но и спортско-политичките односи. Затоа сум сигурен дека македонскиот фудбал е во добри раце“, истакна Чеферин.
Говорејќи за инвестициите и развојот на фудбалската инфраструктура, Чеферин ја нагласи важноста од поддршката на државните институции и локалните самоуправи, особено за помалите национални федерации.
Тој потсети дека сите 55 членки на УЕФА имаат рамноправна позиција, без оглед на нивната големина, додавајќи дека европската фудбалска организација издвојува над 240 милиони евра за солидарност со клубовите кои не настапуваат во европските натпреварувања, додека 97 проценти од буџетските средства се враќаат во фудбалот.
Чеферин потврди и дека ќе продолжи да ја предводи УЕФА, а како еден од главните приоритети го посочи зачувувањето на европскиот модел на солидарност.
Во интервјуто откри и дека шарпланинецот Тито, кој го добил како подарок од Омерагиќ при претходната посета на Македонија, станал неразделен дел од неговото семејство.
„Тито е одличен. Моето семејство повеќе не може да го замисли животот без него. Огромен е, ништо не слуша, но се бориме“, раскажа Чеферин низ насмевка.
Ново на Сител
-

Евростат: Речиси секој десетти студент во Македонија е од странство
-

Преглед на вестите од светот
-

Собранието ги продолжи прекинатите опозициски пратенички прашања
-

Осум месеци затвор за Игор Дашковски за палењето на автомобилите на бугарската амбасада
-

Итната помош од Прилеп доби 3 нови возила, но недостасуваат уште 4 доктори, 8 медицински сестри и 6 шофери
-

Преглед на вестите од светот
-

Градоначалникот на Скопје даде отчет за сработеното за првата година од мандатот
-

Протест на Форум на жени на СДСМ
