Македонија
3. March 2024 - 17:11

Чекајќи на државата, како ќе продолжи лекувањето на Леонид и Јани?

По пристигнување на жалбата од таткото на Леонид Индов кој е во центар во Виена, второстепената Комисија во Фондот треба да одлучи по истата. Дали ќе ја промени одлуката на првостепената која не одобри финансиски средства за лекување бидејќи било непотполно конзилијарното мислење, или, пак, ќе донесе решение во интерес на 18 годишното момче за кое нема услови за подобрување на неговата состојба во земјата.

За Јани Иванов кој повеќе од една година е во Лариса, кажаа дека поминале сите рокови за реагирање, без образложение што значи тоа за 19 годишното момче од Неготино кое ја има истата судбина и патешествие како Леонид. Денеска, неговиот татко од Грција изјави дека чека телефонски повик од министерот за здравство и решавање на нивната голгота. 

- Се наоѓаме во Лариса, овде кај Јани. Тој се чувствува одлично, посебно на психолошки план, бидејќи ние родителите сме со него. Очекувам овој проблем што се одолговлекува од 12. 2022 година за случајот со Јани, да биде во најскоро време, во најкраток можен рок решен, вели Васил Иванов, татко на Јани. 

Третманот на Јани во Лариса е околу 10 000 евра месечно и семејството кажа дека имаат пари само за уште 30 дена. Не сакаат нивниот син да го вратат во Македонија бидејќи нема каде да продолжи со рерхабилитација. Не го примаат во бањи а во клиниката во Козле не може на роботот исто како и Леонид. Министерот за здравство синоќа во гостувањето на Сител кажа дека и двете момчиња нема да ги остават на цедило.

-Нема ниеден да се остави во неизвесност. Владата е со фамилијата на Индов, Владата е со фамилијата на Јани, подршката од Министерството за здравство ќе ја имаат во континуитет и ќе видите дека ќе се реши проблемот, апропо финасирањето, вели Илир Демири, министер за здравство (02.03.2024)

Во меѓувреме министерот најавува и формирање на центар за вакви пациенти, со опрема и физиотерапевти, а системското решение со промена на законски одредби го предвидува за после изборите. 

И додека чекаат на државата, двете момчиња не се заборавени од хуманите граѓани кои постојано донираат за да продолжат со лекувањето во странство. Денеска има хуманитарен собир во Кадино за Леонид, за два дена, пак, во Неготино влезниците од фубалски натпревар ќе бидат наменети за Јани.