Македонија
30. July 2025 - 16:39

Чесите од воздух, Словенците од земја – стигна помошта од странство

Како воена труба чешкиот Блек Хок загрми над македонското небо. Челичниот јунак веќе е во акција против огнените стихии на Готен. Дејствува со техника - тактичко гаснење точка по точка. Со ведро од 3,4 тони вода црпи од езерото Турија, а потоа ја фрла врз стихиите.

Во Берово пристигна и словенечкиот конвој. Додека Блек Хок пожарот на Готен го напаѓа од воздух, 60 словенечки пожарникари со 18 специјализирани возила го напаѓаат огнот од копно.

Тимот се состои од 61 член, 42 се волонтери и професионални пожарникари, специјализирани за шумски пожари. Имаме 17 возила, 7 се специјализирани за шумски пожари. Во овој момент се координираме со властите за да започнеме со гаснење на пожарот. Се солидаризираме со Македонците и засегнатите општини“, изјави Роберт Шкцрљ, лидер на пожарникарите од Словенија.

Кракот на Готен од страната на Радовиш е под контрола, уверува првиот човек на Кризниот Штаб.

Пониските температури неделава значително придонесоа ситуацијата со пожарите да се подобри. Активни се четири пожари, а други пет се под контрола.

Освен кај Готен, гори и во прилепско Бешиште, на границата меѓу Прилеп Кавадарци, и во Крушево. Под контрола се држат жариштата во Штип, Карбинци, Делчево и Куманово.

Денеска во рацете на полицијата падна уште еден пироман. Уште во 8 часот наутро решил да потпали ѓубриште и сува трева на патот Скопје-Тетово, ама властите го фатиле на дело.

- Полициски службеници излегле на местото и го затекнале Р.З.(59) од с.Арнакија, општина Сарај, како потпалува ѓубриште и сува трева во близина на штала со добиток. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а лицето било лишено од слобода и приведено во полициска станица.

Вчера приведеното лице за подметнување пожар кај браната Водоча, и денеска главен фокус на агендата на партиските препукувања.

- Човекот на фотографијата што ја објави Лефков НЕ Е приведениот за подметнување пожар и се презива Барабановски. Станува збор за класична политичка монтажа и опасна манипулација, во која Лефков намерно подметнува лажна информација за да создаде вина и да ја дефокусира јавноста од неспособноста и неуспехот на власта да се справи со реалните пожари и кризи. Оваа евтина кампања се распадна за помалку од 24 часа, му возвратија од СДСМ.

Досега над 20-тина лица завршија зад решетки токму за подметнување пожар.