Македонија
1. September 2020 - 19:46

Членството ќе избира лидер во СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ со промени во општинските комитети

Претседателот на СДСМ ќе се избира на непосредни избори од партиските членови. Вакви измени најавува актуелниот лидер на СДСМ Зоран Заев. Статутарните измени ќе бидат направени на вонредниот конгрес планиран за крајот на септември или почетокот на октомври, а за прв пат партиски лидер на овој начин ќе се избира во април до година, кога ќе истече мандатот на Заев.

Заев потврди и дека ќе има и статутарни измени и во делот на генералниот секретар со цел вицепремиерот Љупчо Николовски да ја задржи и партиската функција  во СДСМ.

Според Статутот генералниот секретар учествува во градењето на политиката на СДСМ,  се грижи за кадровските прашања на СДСМ и се грижи за финансиското работење. Во Владата на Заев, Николовски пак, ќе биде задолжен за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ веќе ги почна кадровските промени во своите редови. За координатор на пратеничката група Извршниот комитет повторно го назначил Никола Мицевски. Нов директор за комуникации  во партијата ќе биде Луке Галевски кој и досега беше дел од пи-ар екипата на партијата.  Нов претседател на Унијата на млади е Сергеј Попов. ВМРО-ДПМНЕ денеска распиша и јавен повик за избор на претседателка на Унијата за жени кој ќе трае две недели, а партијата избра или потврди и претседатели на 27 оптшински комитети, меѓу кои и голем дел скопски партиски ограноци.