Македонија
27. September 2026 - 16:35

Пратеници предложите “соби за пушење” во новиот закон, а министерството за здравство не прифаќа

Амандманите во Собрание кои го “закочија” новиот закон за заштита од пушење цигари добија негативно мислење од министерството за здравство. Меѓу предлозите во новото законско решение имало и предлог да се дозволат т.н соби за пушење во институции, приватни фирми или угостителски објекти.

Според министерот Сашо Клековски со предложените амандмани ќе се овозможи заобиколување на предвидените одредби.

-Да,  постојат во одредени земји пушачки соби, меѓутоа тие се со такви техничко - технолошки решенија да кажам со негативен притисок што ние не успеваме во нашите оператциони сали да го постигнеме, а не пак да се постигне во ресторан или друг простор. Сметам дека имавме продуктивен дијалог со угостителската комора и другите чинители и штом ја имаме подршката од нивна страна, сметаме дека ова е оптимално решение, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Од Собранието информираат дека новиот закон за заштита од употреба на тутун и сродни производи е на второ читање на Комисијата за здравство.

-За истиот има поднесено 8 амандмани. Покрај мислењето на Светската здравствена организација, група на пратеници побарале дополнителни мислења за законот од домашни експерти и мислење од стопанствениците што се занимаваат со производство на тутунски производи. Штом пристигнат побараните мислења комисијата ќе ја продолжи постапката, велат од законодавниот дом.

Инаку законот беше подготвен и поставен на ЕНЕР уште на почетокот на годината, а првичните најави беа да стапи на сила летото, но се уште е во собраниска процедура.

Новиот закон ќе значи забрана не само за класичните туку и за електронските цигари и сите производи кои содржат никотин и тутун. Не смее да се пуши во и пред јавни институции, приватни фирми, образновни установи, автобуски и железнички станици, на пазари и места каде има повеќе луѓе, но и во автомобил ако има малолетно дете.

Нема да има ниту рекламирање на тутунски производи а угостителите ќе имаат рок од една година да ги прилагодат терасите со најмалку две отворени страни.

Казните ќе се движат од 100 до 300 евра за физички лица, а за фирмите од 2000-5000 евра.

И последните анкети покажаа дека голем број граѓани поддржуваат да се ограничи пушењето цигари на јавни места.