Македонија
11. November 2026 - 16:41

Обвинетиот за палење на бугарските возила, пресудата ќе ја слушне во среда

Информациите за наводно непрописно паркираните возила биле причина 44 годишниот Игор Дашковски да ги потпали дипломатските авотмобили на бугарската амбасада.

Ова денеска во судница го кажа психијатарот Александар Марцикиќ кој го анализирал менталното здравје на обвинетиот.

Кај него лекарот открил емоционална и социјална незрелост, заради што тешко ги преживувал неправдите, а себеси се доживувал како жртва на системот.

На судењето присутен беше и бугарскиот конзул, Димитар Грозданов, кој побара обвинетиот да ја надомести штетата од над три илјади евра.

Дашковски пак во завршниот збор пред судот уште еднаш повтори дека се кае што ги потпалил двете возила, се извини на амбасадата и Република Бугарија, и како што рече, делото никогаш нема да го повтори.

Тој во среда ќе ја слушне казната за подметнување на пожарот на двете дипломатски возила.

Обвинет е дека во јуни околу пладне ги полил со бензин возилата и ги потпалил со што сторил кривично дело предизвикување општа опасност и загрозување на лица под меѓународна заштита.

Вештакот му укажа на судот, дека обвинетиот има потреба од редовни психотераписки третмани за кои кажа дека надлежни се центрите за социјални работи или психолошки кабинети во рамки на здравствените установи.