Македонија
11. November 2026 - 16:42

Четири тинејџерки одат во воспитно-поправен дом за бруталното насилство врз 13-годишното девојче од Ѓорче Петров

Според пресудата која ја  донесе судија за деца во скопскиот кривичен суд, за две девојчиња мерката ќе трае една година, а за останатите две 8 месеци.

Видео снимките од малтретирањето на шестооделенката беа објавени пред 6 месеци.

Според информациите кои тогаш ги објави МВР девојчето во два наврати било малтретирано во паркот во Ѓорче Петров.

На снимките се гледа како девојчето било кубено за коса и удирано по лице, а според полицијата тинејџерките ја гореле со цигари и ја присилувале да јаде измет од куче, додека насилството било снимано со мобилен телефон и објевно на социјалните мрежи.

Според првичните информации како повод за нападот тогаш се наведуваше конфликт преку Инстаграм, а по преживеаната траума, девојчето побарало лекарска и психијатриска помош.

За истиот случај постапка се водеше и против нивните родители.

До ОЈО Скопје беа доставени шест кривични пријави за „запуштање и малтретирање дете“, поради сомнежи дека ја занемариле должноста за грижа и воспитување на своите деца, но за исходот од овие пријави засега нема информации.

Од судот потврдуваат дека судската пресуда за четирите малолетнички е првостепена и останува можноста за нивно преиспитување во понатамошната постапка.