Македонија
2. October 2023 - 16:33

Ципрас му дојде на Заев на гости во Струмица

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас дојде во Струмица, во приватна посета на поранешниот македонски премиер Зоран Заев. Тие се сретнаа во еден познат ресторан во Струмица, но изјави за медиумите немаше. За посетата и темите на кои разговарале Заев информираше на неговиот фејсбук профил.

,,Добредојде во Струмица за другарот Алексис Ципрас кој денеска ми е гостин во приватна посета. Се потсетуваме на нашите заеднички напори и придонеси кон мирот и стабилноста на Балканот и разговараме за предизвиците пред кои регионот е денес исправен. Особена чест ми е пријателството меѓу Северна Македонија и Грција и моето другарство со Алексис преминуваат во трајни скапоцени вредности.,, напиша Заев.

Веста за посетата на Ципрас во Струмица претпладнево први ја објавија грчките медиуми.

Зоран Заев и Алексис Ципрас повеќе години одржуваат пријателски односи, а во 2018 година кога двајцата беа на чело на владите во Македонија и Грција го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори спорот за името на Македонија помеѓу двете земји. Токму овој договор и надминувањето на две деценискиот спор беше повод тие да бидат номинирани и за Нобеловата награда за мир за 2019 година.