Македонија
9. July 2025 - 19:53

Црниот густ чад од Визбегово опасност по здравјето

Отежнато дишење, печење на очите, кашлица...Овие симптоми може да ги почувствуваат жителите кои се во близина на дивата депонија во Визбегово, каде по избувнување на пожарот утринава небото над Скопје беше прекриено со густ црн чад. Пулмологот Дејан Докиќ вели дека при горење на гума, железо и други метални предмети се ослободуваат токсични гасови и изложеноста на нив може да предизвика сериозни акутни последици на дишните патишта.

-При горење на гуми се ослободуваат многу токсични материи, како јаглерод моноксид и ПМ честички и тие кај оние кои се изложени може да доведе до отежнато дишење, кашлица, стегање во градите, вртоглавица и секако иритација на очи и грло. Во вакви случаи треба да се побара лекарска помош, вели проф. д-р Дејан Докиќ, пулмолог.

Според доктор Докиќ, овие симптоми може да се појават веднаш или пак во рок од еден од два часа и доколку се зголемуваат да се оди на лекар.

-Оние кои ќе се најдат затекнати таму да најдат крпа да ја навлажнат со вода и преку неа да дишат, да влезат во домовите, да затворат прозори да не влегува од димот и ако имаат мсдк ида ги користат. Да ја измијат устата, носот и кожата со вода, да ги отстранат алиштата на кои се наталожени токсини и да земат витамин Ц, вели д-р Докиќ.

Освен горењето на гумите, леакрите предупредуваат дека и кога гори железо се ослободуваат, односно во воздухот испаруваат тешки метали како олово и цинк кои може да го оштетат белодробното крило. Неопходна е внимателност но и барање на лекарска помош ако има потреба.