Дали некој ги контролира сертификатите за примени вакцини
Два угостителски објекти во Скопје и еден во Гостивар викендот се затворени од страна на пазарниот инспекторат. Не ги почитувале Ковид протоколите и примале гости без сертификат за вакцинација. Одговорните во локалите треба да платат и парични казни.
Но, дали некој ја контролира веродостојноста на сертификатот.
Во јавноста се погласно се зборува дека голем број граѓани користат фалсификат за да влезат во угостителски или други објекти.
Неколку вакви коментари беа јавно напишани и под статусот на официјалната Фејсбук страна на министерот Филипче, во кој тој потсетува дека од денес задолжителен е сертификат со две примени дози вакцина.
- Кој контролира, сите имаат сертификати лажни, по локали не ни бараат, џабе мерки кога нема кадар да ги спроведе.
- Не сфаќам зошто се малтретирате да носите закони кога ниту некој ви ги почитува, ниту имате желба и капацитет да ги спроведете.
- Ептен ви ги почитуваат мерките, со лажни сертификати секаде, се само дел од коментарите.
Од пазарниот инспекторат најавија дека продолжуваат со контролите, но тие немаат надлежност да ги легитимираат гостите, тоа може да го сторат само полициски службеници. Дали примаат гости без или со сомнителен сертификат ДПИ може да бара одговорност само од одговорните во локалите.
-Можам да констатирам дека во последниот период дојде до мало опуштање и од граѓаните и од угостителите, но да најавам дека ќе продолжиме со контролите, изјави Анета Симеска Димоска, директор на ДПИ.
Од МВР одговорија дека во однос на контрола кога ќе биде прекршено спроведување на Ковид мерките тие само даваат асистенција на надлежните инспекциски служби кога тоа ќе биде побарано.
Од здравство пак само упатуваат апел за почитување на мерките.
Од тука се поставува прашањето дали Владата пред да носи мерки треба да најде механизам како да се проверува веродостојноста на сертификатите, зошто досега се е оставено на совеста на граѓаните.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
