Дали новите правила носат и нови решенија за изолираните пред промената
Нема да добијат нови решенија за изолација граѓаните кои се позитивни на Ковид или биле во контакт со заразено лице во деновите пред 27 јануари кога стапи на сила новата Владина одлука која се однесува не само за новите туку и за затекнатите случаи, вели директорката на ДСЗИ. Доколку едно лице има решение за контакт со заразен, а во меѓувреме не развил симптоми после 7-от ден од последниот контакт може да излезе од карантин иако во решението му пишува 14 дена.
-Нови решенија нема да добијат сите кои се позитивни или имаат контакт со позитивно лице пред денот на одлуката. За сите тие кои имаат активни решенија и изолацијата им е во тек важат новите препораки, изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.
За реакциите од граѓаните дека немаат добиено решение од ДСЗИ, Сотирова Бухова ги повика тие кои биле контакти и неопходно им е решението за оправдување од работа да се обратат до инспекторатот и ќе им биде доставено. Дневно имале и по 100-тина вакви случаи.
-Каснењето на решенијата може да биде од неколку причини, можно е одредено доцнење, но не 7 дена како што велите, сето тоа може да се должи на веќе споменатите причини од оставање на погрешен телефонски број, неможност да се контактираат, да ги исконтактираат епидемиолозите пред ставањето во систем и да се направи епидемиолошка анкета. Доколку граѓаните немаат добиено решение може да се обратат на infodszi@zdravstvo.gov.mk и на секоја порака веднаш се одговара, вели Сотирова Бухова.
Таа објаснува дека за останатите кои се позитивни со или без симптоми не им е неопходно решение, отсуството го правдаат со боледување.
-Новата одлука сакаше да разграничи изолација од лекување. Изолацијата значи дека го изолираме дома позитивниот независно дали е со или без симптоми во периодот додека е инфективен, а лекувањето секако продолжува толку колку што е потребно, дококлу пациентот оди кај матичниот лекар и биде третиран. Имаме пациенти кај кои лекувањето трае и по 1 месец, додава Сотирова Бухова.
Иако од ДСЗИ велат дека неделава дневно издаваат и по 2000 решенија за изолации, според епидемиолозите со кои контактираше Сител бројката на заразени е најмалку 5 пати поголема. Повеќето граѓани сами се тестираат со тестови од аптека поради немање термини на државно или затоа што не сакаат да седат дома. Исто така продолжува и трендот на криење на контактите. Во средата кога имавме рекордни 2341 случај, како контакти биле пријавени само 460 лица.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
