Дали улица и висококатници ќе се „вселат“ во дворовите на бутелчани?
Бутелчани со жив штит ќе ги бранат своите дворови од градските власти. Жителите од 16 куќи излегоа на протест по одлуката на Град Скопје за пробивање на улицата „Боца Иванова“ преку нивните дворни места. Тие дворови се дел во државна сопственост но жителите со одобрение ги користат повеќе од 6 децении. Се сомневаат дека зад овој проект, стои намерата да се расчисти просторот за изградба на 7 висококатници. На протестот и порачаа на градоначалничката Арсовска дека ова нема да и помине.
Жителите со документи сведочеа дека со години го користат и уредуваат местото и бараат поместување на трасата за неколку метри.
Зад жителите застана и нивниот градоначалник, тој им вети дека нема да дозволи овде да никнат згради.
Од Град Скопје демантираат дека теренот се расчистува поради изградба на згради, туку дека намерата им е да обезбедат нормален проток во сообраќајот.
На овој потег Општина Бутел нема доставено нов или измена на постоечки ДУП, ниту е предвидена изградба на згради. Дополнителна инфраструктура од градот не е предвидена, единствено се работи на изградбата на булеварско решение кое е нереализирано барање од граѓаните со децении.Фактичката ситуација е дека таму од неколкумина се узурпира државно земјиште. Законот е еднаков за сите, и тоа не е предмет на преговори.
Жителите поднеле иницијатива за измена на трасата и повеќе од еден месец бараат средба со Арсовска. Наместо одговор, Град Скопје им се закани и со кривични пријави.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
