Дали Весна Дамева смеела да гласа за нов претседател на Врховниот суд?
Дали Весна Дамева смеела да гласа за нов претседател на Врховниот суд, откако претходно со одлука била изземена да претседава со Комисијата за негов избор?
Оваа дилема ја разбрани јавноста, откако Фидани беше избран за претседател на Врховен, со неопходните осум гласа, меѓу кои и оној на судијката Дамева.
Од здружението „Сите за правично судење“, кои го мониторираа целиот процес од почеток до крај, забележуваат дека на седницата кога се избирал претседател на Врховен, требало, но не било дадено образложение дали Дамева треба да гласа или не.
Дамева претходно побара да не биде претседателка на Комисијата за изборот на претседател, за да не остави како што се изјасни, каква била дамка на процесот.
Весна Дамева за Сител тврди дека во втората фаза, поточно при изборот за претседател на Врховен, пропаднале сите причини поради кои претходно побарала да биде изземена од постапката.
Претседателот на Судскиот совет, Камбовски поради состаноци, став на темата ни најави во понеделник.
Инаку, од Здружението кое го мониторираше целиот процес за избор на претседател на Врховен, заклучуваат дека не слушнале доволно аргументи зошто Фидани треба да седне во највисоката фотелја во судството. Имало повеќе објаснување зошто Беса Адеми не требало да добие втор мандат.
Фидани стана нов претседател на Врховниот суд со осум гласа за и пет против од членовите на Судскиот совет. За него гласаа Исамедин Лимани, Џенета Бектовиќ, Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Аритон Ала и Ханиф Зендели. Двата гласа за Адеми дојдоа од Аритон Ала и Ханиф Зендели кои гласаа и за Фидани.
Членовите Антоанета Димовска, Ивица Николовски, Данка Ристова, Тања Чачарова Илиевска и претседателот Камбовски не гласаа за ниту еден од двајцата кандидати.
За потсетување, во средината на март на скоро половина од членовите кои гласаа за новиот претседател на Врховен суд, им беше изгласана интерпелација во Собранието. Недоверба беше изгласана за Мустафа, Црвенковска, Адеми, Дамева и Чачаровска Илиевска.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар