Дарко Митровиќ го фати крстот во Скопје, двајца завршија во болница поради премрзнување
24-годишниот Дарко Митровиќ го фати светиот крст во водите на Вардар во Скопје. Тој најбрзо исплива меѓу сите пријавени кои скокнаа од кејот. Доби подароци и желби за добро здравје.
Чествувањето почна од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. Богослужеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан. По завршувањето на литургијата, крстот беше донесен до мостот „Слобода“.
- Должноста на секој христијанин е преку честит и богоугоден живот да се подготвува за вечна заедница со Бога, од тука, потребно е постојано да бдееме над своето срце, над мислите, зборовите и делата за благодатта што ни е дадена да остане плодотворна – рече Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.
Да се плива во надојдениот Вардар не беше нималку лесно. Брзата и студена вода го отежни излегувањето на кејот. Помагаа екипите на Црвениот крст.
Двајца завршија во болницата 8-ми септември поради премрзнување. Едниот имал 20, а другиот 26 години. Според информациите, нивната состојба е стабилна.
Настанот привлече илјадници граѓани – значително повеќе од лани. Преполни беа сите околни мостови и кејот, а Скопје уште еднаш покажа дека традицијата на Богојавление не е само религиозен чин, туку и силен симбол на заедништво, храброст и вера.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
