Де Вевер: Нема причина за славење поради трговскиот договор ЕУ-САД
Трговски договор меѓу ЕУ и САД што беше постигнат синоќа во присуство на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп предизвикува олеснување, но не и причина за славење, оцени белгискиот премиер Барт де Вевер.
– Во очекување на сите детали за новиот трговски договор меѓу ЕУ и САД, едно е јасно: ова е момент на олеснување, но не и причина за славење. Царините ќе се зголемат во неколку области, а некои клучни прашања остануваат нерешени, наведе Де Вевер во објава на Икс.
Тој сепак, упати честитки до Фон дер Лајен и нејзиниот тим за, како што наведе, напорната работа и посветеност во последните месеци со фокус на зачувување на трансатлантските врски и обезбедување што е можно постабилна трговија во актуелните предизвикувачки околности.
– Искрено се надевам дека САД, во догледно време, ќе се откажат од заблудата на протекционизмот и повторно ќе ја прифатат вредноста на слободната трговија, која е камен-темелник на заедничкиот просперитет, додаде Де Вевер.
Според него, Европа мора да продолжи да го зајакнува својот внатрешен пазар, да ги намали непотребните регулативи и да создава нови партнерства за диверзификација на својата глобална трговска мрежа.
– Европа нека стане светилник на отворена, фер и сигурна трговија која очајно му е потребна на светот, потенцира белгискиот премиер во објавата.
Повеќето европски лидери кои покажуваа воздржаност кон плановите на ЕУ за воведување контра мерки кон САД, доколку не биде постигнат договор за царините, меѓу кои и германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, позитивно ја оценија вчерашната трговска спогодба, нагласувајќи ја важноста од одржување на стабилноста.
Како што посочи синоќа Фон дер Лајен по постигнувањето на договорот, тој создава сигурност во овие неизвесни времиња и обезбедува стабилност и предвидливост за граѓаните и бизнисите од двете страни на Атлантикот.
Таа нагласи и дека станува збор за договорна рамка, чии детали треба да се прецизираат во текот на наредните недели.
– Навистина завршивме добра работа, имаме договор за следните години, кој е многу добар, додаде Фон дер Лајен.
МИА
Ново на Сител
-
Нешто помалку од 1.600 хектари изгореле во пожарот во близина на Атина
-
Мицкоски: Почит и слава за хероите од Љуботен
-
На 12 и 14 август полагање на екстерните испити од државната матура во августовската сесија
-
Експресни победи на Синер и Швјонтек на Мастерс турнирот во Синсинати
-
Пораз од Романија за македонските кадетки на ЕП во Црна Гора
-
Странските криминалци осудени во Велика Британија веднаш ќе бидат депортирани
-
Советот за безбедност на ОН свика итна седница поради планот на Израел за окупирање на градот Газа
-
Голем пожар на југот на Албанија, евакуирани села