Македонија
4. јуни 2025 - 16:56

Дебата во Собранието за намалување на процентот на репрезентативност на синдикатите во ЕСС

Во рамки на продолжението на 51. седница денеска заврши општата расправа за неколку закони за кои ќе се гласа дополнително, додека Владата со допис го известила Собранието дека го повлекува Законот за јавно здравје. Дебата на пленарната седница предизвикаа измените на Законот за работните односи, по скратена постапка. 

На седницата заврши расправата и дополнително ќе се гласа за Предлог на законот за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост, Предлог на закон за прогласување на Просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона, како и за измените и дополнувањата на законите за заштита и спасување за управување со кризи, двата по скратена постапка. 

Јованка Тренчевска од СДСМ реагираше за измените на Законот за работните односи, по скратена постапка со којшто се предвидува намалување на прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 отсто на 5 отсто во Економско социјалниот совет (ЕСС). Забележа дека за овој предлог немало дебата обвинувајќи ја Владата за гушење на социјалното движење и дијалог. 

-Овие измени се направени токму за партискиот синдикат, за вашиот мегафон за Конфедерацијата на слободни синдикати или КСС да му дадете репрезентативност на национално ниво и намерата е јасна и многу очигледна за овие измени, рече Тренчевска. Таа рече дека во минатото се разговарало за намалување на репрезентативноста на синдикатите но, за 7 или 8 проценти, а не за 5. 

Пратеникот Сали Мурати имаше поднесено амандман репрезентативноста да биде 8 проценти, но тој не беше прифатен на седницата на Комисијата за економски прашањата. Пратеникот рече дека мора да ја критикува одлуката овие измени да се носат во скратена постапка, без анализа и дискусија.

- Промената не е техничка категорија, туку стратешка одлука што ќе го менува синдикалниот пејзаж во следниот период, рече Мурати. Додаде дека никаде не се објаснува зошто токму 5 проценти и зошто и оти тоа се прави, вели, без анализа. 

Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека нивната идеја произлегла од договор што бил постигнат со синдикатите на седницата на ЕСС. 

-Не знам од каде е таа потреба нешто да се излаже или да не се каже вистината, кога вие имате процент на репрезентативност на работодавачи од 5 проценти, а на работници од 10 проценти. Нели, нешто тука не е во ред и не е логично. Ние велиме вака, право на глас на ЕСС има секој синдикат којшто ќе има репрезентативност од 5 проценти од вкупните вработени којшто се членови на синдикат и плаќаат членарина, рече Стојаноски.

Тоа го правиме, образложи тој, за на масата на ЕСС да има повеќе синдикати кои ќе имаат право на глас и на таков начин да се направи дополнителен притисок и на работодавачите и на Владата бидејќи не сите вработени во државата се членови на еден синдикат. 

Продолжението на 51. седница, како што изјави потпретседателот на Собранието, ќе биде дополнително закажано.