Македонија
6. August 2025 - 12:25

Девет години од поплавите во Стајковци - градоначалникот најави откривање на спомен плоча

Денес, со длабоко чувство на тага, почит и солидарност, се сеќаваме на 6 август 2016 година денот кој засекогаш го обележа нашето колективно сеќавање. Поминаа 9 години од големата трагедија која ги погоди Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Ченто и другите делови од нашата општина. Тоа беа моменти на страв, болка и загуба, кои засекогаш ги променија животите на многумина, се наведува во обраќањето на градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски на Фејсбук, што МИА го пренесува интегрално.

На тој ден, природата ја покажа својата суровост, но човечноста блесна посилно од се. Семејства изгубија најблиски, домови беа уништени, срца беа скршени.

Денес се сеќаваме на нашите сограѓани кои ги загубија животите тие се во нашите мисли и молитви. Нивната загуба е и наша загуба. Нивниот спомен е светол пламен кој нема да згасне.

Поминаа девет години, но раните од тие моменти се уште болат. Затоа, како градоначалник на општина Гази Баба, верувам дека имаме морална обврска да ги чуваме спомените живи и да оставиме траен белег на колективното паметење. пишува Стефковски.

Следната година општина Гази Баба ќе одбележи 50 години од своето постоење и 10 години од поплавите во таа чест градоначалникот Стефковски најави отпочнување постапка за откривање на спомен плоча.

Следната година, 2026, ќе одбележиме 50 години од постоењето на нашата општина половина век историја, развој и заедништво. Но истовремено, тоа ќе биде и 10 години од трагичните поплави. Токму затоа, ќе започнам иницијатива за поставување на спомен-плоча, како симбол на сеќавање и почит.

Оваа спомен-плоча ќе биде вечен паметник не само на трагедијата, туку и на храброста, солидарноста и човечноста кои ги покажавме како народ. Ќе биде место на тишина и размисла, на молитва и сеќавање, на почит кон оние кои не се меѓу нас.

Сакам да ги повикам сите граѓани, институции и организации да се вклучат во оваа иницијатива затоа што ова не е само обврска на општината, туку на сите нас како луѓе. Да покажеме дека не забораваме, дека знаеме да почитуваме и дека од болката умееме да создадеме сила. заклучи Стефковски.

Линк до обраќањето:

https://www.facebook.com/photo/?fbid=777353338009917&set=a.143970788014845

Општина Гази Баба