ДИК усвои финансиски план од 153,2 милиони денари и ги заокружи подготовките за локалните избори

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги усвои записниците од 164-тата и 165-тата седница и донесе повеќе одлуки поврзани со финансиското работење и техничката организација на претстојните локални избори закажани за 11 јануари 2026 година.
Комисијата ја усвои Предлог-одлуката за доделување авансни средства на вработените во ДИК и лицата ангажирани за транспорт на доверлив изборен материјал. Со оваа одлука се регулираат трошоците за лицата кои ќе вршат достава на материјалите во општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа, Гостивар и Врапчиште.
Како што посочи членот на ДИК Ангелчо Ристов, по повод организацијата на претстојните локални избори во наведените општини, Државната изборна комисија донесува одлука за определување на авансни средства на вработените во ДИК, лицата кои се ангажирани од страна на ДИК, како и на останатите засегнати лица за транспорт и достава на доверлив изборен материјал.
– Државната изборна комисија донесува одлука со која на лицата кои се вработени во ДИК, лицата кои се ангажирани од страна на ДИК, по повод организацијата на претстојните локални избори во општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа, Гостивар и Врапчиште, како и на сите други засегнати лица кои ќе бидат од страна на ДИК ангажирани во постапката на транспорт и достава на доверлив изборен материјал, како што се припадниците на Министерството за внатрешни работи, им се определуваат авансни средства, коишто ќе бидат, како што кажав, наменети за достава на доверлив изборен материјал, и тоа гласачки ливчиња и изводот од Избирачкиот список, како и за достава на уредите за биометриска идентификација на гласачите, посочи Ристов.
На денешната седница беше утврдена и висината на благајничкиот максимум за 2026 година којшто ќе изнесува вкупно 300.000 денари. Како што појасни членот на ДИК, Светлана Карапетрова, оваа одлука, за чија реализација е задолжено Одделението за сметководство и плаќање, влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува ретроактивно од 1 јануари 2026 година.
На дневниот ред беше и Финансискиот план на ДИК за 2026 година, според кој Државната изборна комисија во оваа календарска година ќе располага со вкупен буџет од 153.196.000 денари.
– Државната изборна комисија донесува финансиски план за 2026 година. Распределбата ја имаме по конта и ќе биде на увид на јавноста, но сакам да потенцирам дека за оваа тековна 2026 година имаме на располагање вкупно 153.196.000 денари, од кои за тековни расходи ќе бидат 103.196.000 денари, додека за изборната програма и изборните процеси ќе бидат издвоени 50.000.000 денари, појасни Карапетрова.
На седницата беше усвоено и Упатството за гласање за локалните избори, со што се заокружуваат правните и техничките процедури пред гласањето в недела.
МИА
Ново на Сител
-

Обилни дождови предизвикаа поплави во Црна Гора, најпогодени се Никшиќ и Даниловград
-

Зеленски, Виткоф и Кушнер пристигнаа на преговори за Украина во Париз
-

Николоски: 40 километри од автопатот Охрид - Кичево се веќе во функција | ВИДЕО
-

Сиљановска Давкова: Божиќните празници ќе ја зацврстат нашата вера и надеж
-

Полициска потрага во кипарскиот град Лимасол по лицето кое го фатило светиот крст и побегнало
-

ЕК не го признава легитимитетот на Делси Родригез, но ќе се ангажира со венецуелските власти
-

Уапсени двајца членови на групата „Пинк Пантери“ за грабеж на златарница на Халкидики со „плен“ од над 500.000 евра
-

Лазаров ги одбра 19-мината кои ќе патуваат на ЕП 2026
