Македонците ќе зборуваат без роаминг со граѓаните од Унијата на есен
Македонците ќе зборуваат без дополнителни трошоци за роаминг со граѓаните од Унијата дури на есен. Најавата за можно укинување од 1 јануари годинава, паѓаат во вода. Обврските и критериумите кои Брисел го бара од нас и останатите земји од Западен Балкан, се уште не се завршени.
Процесот активно се спроведува, вели министерот за дигитална трансформација Андоновски. Македонија е меѓу првите земји од Западен Балкан што ги исполнува законските национални обврски и критериуми, кои се предуслов за приближување кон европскиот модел на роамниг.
-Во таа насока, во октомври беше донесен акциски план, а на 30 декември 2025 година беа усвоени измени и дополнувања на Законот за електронски комуникации. Во тек е финалната подготовка и усогласување на подзаконските акти, со очекување сите национални предуслови да бидат исполнети до крајот на јануари или почетокот на февруари. Важно е да се нагласи дека воведувањето на „роаминг како дома“ со Европската Унија не е едностран процес и не зависи исклучиво од една држава.
Андоновски додава дека воведуавње на роаминг како дома со Европската Унија не е едностран процес и не зависи исклучуво од една држава. Но според неговите информации, можно е процесот да биде заокружен на есен.
-Согласно информациите добиени во комуникација со европските институции, Македонија, Црна Гора и Албанија се опфатени во заеднички пакет, при што се уште не е јасна можноста за поединечно приклучување доколку некоја држава не ги исполни своите обврски. Следната фаза од процесот кај нас, опфаќа скрининг и анализа од страна на Европската Унија, кои се очекува да се реализираат во доцна пролет и лето 2026 година. Согласно неофицијалните очекувања од европска страна, можно е процесот да биде заокружен до есента 2026 година, при што Министерството нагласува дека станува збор за индикативни, а не за формално утврдени рокови. Штом Европската Унија ги финализира договорните и процедурните предуслови што овозможуваат прецизни рокови и јасен модел на имплементација, Министерството за дигитална трансформација ќе излезе со конкретни и навремени информации за македонските граѓани.
Можноста за бесплатни разговори на земјите од Западен Балкна со граѓаните од Унијата ја најави Марта Кос, уште во јули минатата година. Но, под услов да се спроведат бараните реформи.
„Денеска зборувавме и за роамингот. Ако навистина работиме трудољубиво, а вие лидерите имате волја да го сторите тоа, ќе има многу реформи кои ќе ги сменат законите и ќе можеме да имаме бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан од 1 јануари 2026. Со тоа, вашите граѓани ќе можат да комуницираат без дополнителни трошоци кога ќе патуваат во земјите од Европската Унија“, кажа еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Во јули 2021та беше укинат роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу земјите од Западен Балкан, однсно помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
