Македонија
2. јуни 2025 - 13:10

Димитриеска- Кочоска: Од 1 јули намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија

Владата нa последната седница усвои Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа со што вршиме намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија. Предлогот е веќе испратен на усвојување во Собранието со цел пониските царински стапки да почнат да се применуваат од 1 јули 2025 година, односно од наредниот месец. Станува збор за стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во нашите индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката, односно одделни производи потребни за производство на високо финални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија, соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска - Кочоска. 

Од 1 јули, како што појасни, со измените се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ.  Како пример, таа наведе дека ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, со тековните измени стапката се намалува на 15 отсто, со тенденција за идно понатамошно доусогласување.

- Истовремено со измените пристапуваме кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика. Односно од 1 јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто со што директно помагаме во енергетскиот сектор. Ова, од причина што батериите стануваат клучен елемент во балансирањето на енергијата, системските услуги како и во планирањето на предавањето во мрежа на енергијата од обновливи извори на енергија со цел одржување на стабилноста на системот, но и осигурување на физибилноста на обновливите проекти, рече Димитриеска - Кочоска во Владата.

Таа информира дека измените кои се предложени се со цел да ја зголемиме конкурентноста на домашните компании кои извезуваат на странските пазари да го зголемиме македонскиот извоз, како и да обезбедиме зголемен девизен прилив. При тоа ваквите мерки кои водат до намалување на трошоците на компаниите, како што рече, ќе имаат ефекти и врз зголемување на инвестициите и бројот на вработените, што е и приоритет на Владата, а во насока на остварување повисоки стапки на економски раст.

- Измените на Законот за Царинската тарифа се направeни во консултации со Стопанските комори и е дел од нашата определба за воедење инклузивен и партнерски однос со бизнис заедницата, а се со цел создавање подобро бизнис окружување. Претставува продолжување на водењето на царинската политика на намалување на царинските стапки на најприоритетните суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија. Со оваа измена се реализира Програмата за работа на Владата 2024-2028 во делот каде Владата се обврзала за постепена хармонизација на царинските стапки со стапките кои се применуваат во Европската Унија адаптирано на извозно-увозните потреби на стопанството и на државата. Исто така претставваат надополнување на сите мерки и политики што ги преземаме за поддршка на домашната економија преку инвестиции во јавниот и приватниот сектор за остварување повисоки стапки на раст и обезбедување повисок животен стандард, истакна министерката за финансии.

Во таа насока со измените предложивме и целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, односно укинување на царинските стапки за стоките кои доаѓаат во нашата земја од САД. На ваков начин, како што рече, сметаме дека ќе придонесеме за зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека во меѓународната трговија со едностраното намалување на царинските стапки праќаме порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓусебната трговска размена.

- САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Приоритет на оваа Влада е да креираме политики со кои ќе  создадеме поволно и предвидливо бизнис окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија, нагласи  Димитриеска - Кочоска.