Димитриеска-Кочоска: Законски измени за зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работа на финансиските друштва

Министерството за финансии работи на измени и дополнувања на Законот за финансиските друштва, со цел зајакнување на регулаторната рамка, поголема заштита на граѓаните и унапредување на транспарентноста и стабилноста во работењето на овие субјекти.
Се работи на законски измени што предвидуваат воведување задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и слично. Дополнително, се зајакнува контролата при отворање нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, со утврдени критериуми за условите на работење.
Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина, со што кредитните средства ќе може да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка. Целта е поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интерву за „Телма“ истакна дека измените се резултат на засилени контроли и утврдени недоследности во работењето на дел од финансиските друштва.
- Имаме законски измени што ги подготвуваме во периодот што следува. По спроведените контроли, утврдивме одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива, кои оставаат простор за разни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати. Целта е поголема заштита на граѓаните и стабилно функционирање на секторот - рече министерката.
Како што појасни, досегашните контроли резултирале со утврдени неправилности, а во одредени случаи биле преземени и мерки, како одземање лиценца. Некои од постапките се иницирани и по пријави од граѓани, кои, како што нагласи министерката, имаат значајна улога во откривањето неправилности.
Со овие измени, според Димитриеска-Кочоска, се очекува значително зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работа на финансиските друштва во земјата.
МИА
Ново на Сител
-

Марковски: Вештачењето нарачано од одбраната на Јованов е селективно и со сериозни методолошки пропусти
-

Рекордна невработеност на високообразованите во Германија
-

Славески: Состојбата во Алта банка АД Битола и нејзиниот биланс се здрави и солидни, се бара нов сопственик
-

Судскиот совет го избра Субхи Јакупи за претседател на Управниот суд
-

Мицкоски објави одлука од 2023 година: Владата на СДСМ дала согласност за продажба на акции во денешна Алта банка
-

Мицкоски: Алта банка нема да банкротира како Еуростандард во времето на СДСМ
-

Извештај на американскиот Конгрес: Државата со години не ги спречи злоставувањата на Епстин
-

Продажбата на станови во Македонија падна за 14 отсто, изнајмувањето порасна за 45 отсто
