Муцунски ја отвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Вилнус: Ново поглавје во односите со Литванија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во рамки на работната посета на Литванија оствари билатерална средба со литванскиот министер за надворешни работи Кештудис Будрис и официјално ја отвори првата резидентна Амбасада на Република Северна Македонија во Вилнус.
На средбата со Будрис, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во фокусот биле натамошното унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, евроинтегративната агенда, актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамки на евроатлантското сојузништво.
Посебно внимание е посветено на европската интеграција, надминувањето на пречките и динамизирањето на пристапниот процес.
Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Литванија за стратешката цел на државата - полноправно членство во Европската Унија.
Тој ја реафирмира посветеноста на Владата на спроведувањето на реформската агенда, како и конструктивниот пристап кон изнаоѓање заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано на европските вредности и принципи.
Централен настан во посетата беше официјалното отворање на првата резидентна Амбасада на Република Северна Македонија во Вилнус, со што се отвораат нови можности за продлабочување на политичката, економската и институционалната соработка меѓу двете земји.
- Повеќе од три децении нашите две држави градат пријателство засновано на меѓусебна почит, доверба и вредности што ги споделуваме, истакна Муцунски на свеченоста.
Тој упати и посебна благодарност за солидарноста на Литванија по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти биле примени на лекување во Вилнус и Каунас.
- Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа, истакна Муцунски.
Според него, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Вилнус ќе создаде дополнителни можности за економско, образовно, културно и технолошко поврзување на двете земји.
- Гледаме можности за продлабочување на економските врски, зголемување на трговијата и инвестициите, за поврзување на нашите студенти, академската заедница и уметниците, како и за заедничка работа во областа на иновациите и дигиталната трансформација, рече Муцунски.
Тој нагласи дека новата амбасада ќе има улога на мост меѓу двете држави, нивните институции, бизнис-заедници и граѓани.
- Оваа амбасада ќе биде мост меѓу Скопје и Вилнус, меѓу нашите институции и бизнис-заедници, и меѓу нашите граѓани. Заедно, нашите две дипломатски мисии ќе создадат посилна основа за дијалог, соработка и нови можности што ќе создаваат конкретни придобивки за граѓаните, истакна шефот на македонската дипломатија.
МИА
Ново на Сител
-

Битолчанец не се отрезнил два дена, го фатиле со 3,23 промили па за 30 часа со 3,50 промили алкохол во крвта
-

Муцунски ја отвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Вилнус: Ново поглавје во односите со Литванија
-

Сиљановска-Давкова: ЕУ треба да го забрза проширувањето и заради сопствената безбедност
-

Серафимовски: Малите семејни винарии заслужено го привлекуваат вниманието кон потенцијалот и квалитетот на македонското вино
-

Владата бара итно мислење од Венециската комисија за предложениот модел на правосудниот испит
-

Англија ја заострува забраната за мобилни телефони во училиштата – нема да смеат да стојат ниту во ранците
-

За клиентите на „АЛТА банка“ од денес достапни електронското и мобилното банкарство
-

Кривична за 28-годишник од Такиџистан, доставил исправа со невистинита содржина со цел да го продолжи престојот
