Димитриеска - Кочоска: Заокружена отплатата на еврообврзницата од 2020 година во износ од 700 милиони евра

Министерството за финансии ја заокружи отплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, со што во целост е исполнета обврската кон инвеститорите, информираше министерката Гордана Димитриеска - Кочоска, нагласувајќи дека процесот е реализиран навремено, со претходно планирани средства и со заштеди на камати.
На денешната прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Димитриеска - Кочоска појасни дека отплатата е спроведена во неколку фази, при што дел од обврската е предвреме сервисирана, а остатокот исплатен согласно рокот на достасување.
- Официјално е заокружена исплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра. Со тоа, во целост ја исполнивме оваа обврска кон инвеститорите. Средствата од наша страна беа исплатени уште минатата недела, а веќе денеска тие се пристигнати на сметките на инвеститорите - изјави Димитриеска - Кочоска.
Таа потсети дека во февруари годинава Владата пристапила кон предвремена отплата на дел од обврзницата, со цел да се намалат трошоците.
- Како што е познато, во февруари годинава предвреме отплативме дел од оваа еврообврзница во износ од 383,7 милиони евра. Нашата цел беше со средствата обезбедени преку еврообврзницата издадена во јануари 2026 година да извршиме предвремен откуп и на тој начин да оствариме заштеди по основ на камати. На тој начин во буџетот заштедивме 3,2 милиони евра - рече министерката.
Преостанатиот дел од долгот, како што посочи, не бил предвреме откупен поради одлука на дел од инвеститорите.
- Преостанатиот дел од еврообврзницата во износ од 316,3 милиони евра главница не можеше да биде предвреме откупен бидејќи дел од инвеститорите не ја прифатија таа можност и поради тоа, а согласно рокот на достасување, сега беа исплатени вкупно 327,9 милиони евра, од кои 316,3 милиони евра главница и 11,6 милиони евра камата - изјави Димитриеска - Кочоска.
Министерката посочи дека отплатата е дел од поширока стратегија за редовно сервисирање на обврските, во услови на економска неизвесност.
- Ова е дел од пошироките активности што континуирано ги преземаме за навремено и редовно сервисирање на сите обврски на државата. Имајќи ја предвид економската неизвесност, Владата останува со сериозен фокус на внимателноста во трошењето - рече Димитриеска - Кочоска.
Таа информира дека од средината на 2024 година до денес се сервисирани значителни обврски.
- Она што е важно да го напоменам е дека од втората половина на 2024 година, кога ја презедовме одговорноста за управување со јавните финансии, па до денес, сервисирани се обврски во вкупен износ од 4,6 милијарди евра. Од нив, во втората половина на 2024 година беа исплатени 786 милиони евра, во текот на 2025 година 2,198 милијарди евра, а во текот на 2026 година 1,571 милијарди евра - изјави министерката.
Во однос на идните обврски, Димитриеска - Кочоска посочи дека државата ќе се соочи со значајни износи за отплата во следните години.
- И во наредниот период продолжува процесот на управување со обврските коишто доспеваат за отплата и се во износ од 9 милијарди евра, односно, во 2027 година 1,4 милијарда евра, во 2028 година 1,9 милијарди евра, 2029 година 1,1 милијарда евра, 2030 година 1,7 милијарди евра и 2031 година 1,2 милијарди евра - рече таа.
Министерката нагласи дека средствата за отплатата биле однапред обезбедени.
- Она што е важно да се потенцира е дека сите средства потребни за отплата на еврообврзницата беа однапред планирани и обезбедени. Тие беа предвидени со Буџетот за 2026 година и обезбедени преку издавањето на еврообврзницата во јануари оваа година. Средствата беа депонирани на девизната сметка и отплатата беше реализирана согласно планираната динамика - истакна Димитриеска - Кочоска.
Таа посочи дека економската политика се темели на внимателно задолжување и поддршка на развојот.
- Задолжувањата што ги реализираме се внимателно планирани и се насочени кон две цели - сервисирање на постојните обврски и обезбедување средства за развојни проекти и инвестиции. Тоа е концептот врз кој ја темелиме економската политика - рече министерката.
Воедно, според неа, економијата покажува позитивни сигнали паралелно со сервисирањето на обврските.
- Паралелно со навременото сервисирање на обврските, економијата продолжува да испорачува позитивни резултати. Денешните податоци за економската активност се уште еден показател дека можеме истовремено да водиме одговорна фискална политика, да ги исполнуваме сите обврски кон доверителите и да обезбедуваме услови за економски раст - изјави Димитриеска - Кочоска.
Таа додаде дека Владата останува посветена на фискална консолидација и стабилност.
- Нашата определба останува непроменета постепена фискална консолидација, намалување на дефицитот, одговорно управување со јавниот долг и создавање услови за повисок економски раст. Крајната цел на сите овие политики е позитивните резултати од економијата, во време на оваа глобална неизвесност, да се почувствуваат во секојдневниот живот на граѓаните преку повисок животен стандард, повеќе инвестиции и подобри можности за развој - рече Димитриеска - Кочоска.
МИА
Ново на Сител
-

Охрид ја прослави европската титула на ГРК Охрид
-

Муртезани за Сител: Со Кошта ќе се разговара за планот за раст и Реформската агенда
-

Фетаи поднесе оставка
-

Фетаи поднесе оставка
-

Тема на денот со Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи
-

Кошта ја стартуваше балканската турнеја – утре доаѓа во Скопје
-

Филипче: Власта намерно ја кочи реформската агенда
-

Дизелот поевтинува за 6,5 денари, бензините поскапуваат за половина денар
