Македонија
6. November 2026 - 16:37

Директорот на средното уметничко тврди дека ученикот испрскал пепер спреј, а не солзавец

Не солзавец, туку пепер спреј бил испрскан во средното уметничко училиште тврди директорот за Сител. Според Димитар Филипов се работи за ученик кој го употребил овој спреј но не за време на настава туку како што тврди испрскал низ прозорецот за време на големиот одмор. Тој преку писмен демант и телефонска изјава се обрати да ја објасни ситуацијата од нивен агол откако вчера не беше достапен за коментар. Директорот потврдува дека ваков инцидент се случил но дека тие како училиште презеле мерки откако случајот им го пријавила класната раководителка на ученикот кој дошол на училиште со ваков спреј. 

Инаку за разлика од класичниот солзавец кој е надразнувач наменет за поширока маса и предизвикува печење и солзење во времетраење до половина час, пепер спрејот содржи природен екстракт од лути пиперки и делува како моќен инфламатор кој ги онеспособува сетилата и има подолготрајно дејство. Тој предизвикува итно отекување и воспаление на слузницата, принудно и неконтролирано затворање на очите кои физички не можат да се отворат, како и чувство на привремено гушење. Се користи за самоодбрана а може да го набави секој полнолетен граѓанин во специјализарана продавница. 

Од државниот просветен инспекторат каде е пријавен настанот за Сител велат дека  примен е поднесок во врска со конкретниот случај и инспектор е веќе излезен на терен за утврдување на фактичка состојба. 

По завршување на инспекцискиот надзор, медиумите ќе бидат соодветно известени за утврдената фактичка состојба и констатираните наоди. 

Инаку случајот го пријави загрижен родител кој со допис се обрати и во нашиот медиум со тврдење дека една недела по инцидентот не било преземено ништо а во моментот на инцидентот, учениците кои биле засегнати во просторот добиле помош само од класната раководителка но не и од училишниот менаџмент. 

Писмо од Родител на ученик во ДСУЛУД Лазар Личеноски-Скопје. „Учениците сакале да поднесат изјава кај психологот Т. Ч. и да побарат помош, но не можеле да ја добијат бидејќи не била на работното место. Се побарало помош и од директорот на училиштето Д. Ф. но и тој не бил присутен.“ се вели во дописот од родителот. 

Случајот не е пријавен во МВР.