Дизелот поскапува, бензинот БС-95 поевтинува: Нови цени од полноќ
Дизелот поскапува, 95-октанскиот бензин поевтинува. Регулаторна ги објави новите цени на горивата. Од полноќ цената на Еуросупер БС-95 се намалува за половина денар и ќе се продава по 83,5 денари по литар. Кај 98-цата нема промени, а дизелот оди нагоре за 2 и пол денари и ќе се точи по 98 денари.
Ова се максимални цени, но поради попустот кој е продолжен до крајот на април, на најголемиот дел од бензините станици, бензините ќе се продаваат за 81,5, односно 83,5 денари по литар, а дизелот за 95 денари.
Новите цени се пресметани откако Владата вчера на вонредна седница ја намали акцизата на бензините за 2 денари, а на дизелот за 4. Дополнително, ја продолжи важноста на намаленото ДДВ од 18 на 10%. Ако не помогнеше Владата, Регулаторна пресмета дека бензините би биле поскапи за 8 и пол денари, а дизелот за 12 денари и од полноќ ќе требаше да чини 110 денари по литар.
Поради ваквите мерки, државната каса губи најмалку милион евра дневно, но мора да се излезе во пресрет на граѓаните, вели премиерот.
-Сега нема очајуваме и да кукаме. Тоа е што е, проблемот е тука. Јас не мислам да беседам на прес-конференции и да очајувам и да создавам паника кај граѓаните. Мојата цел е да кажам дека ние како Влада, ја владееме ситуацијата, точно знаеме каде одиме, и немаме никаква дилема, предизвици ќе има, тешко, не е лесно. Многу ни се собра 2,5 милијарди треба да вратиме. Го враќаме и оној солидарен данок. Од април почнуваме со исплата на платите од новите колективни договори. Се некако наеднаш дојде. Но тоа е што е сега. Нема да очајуваме, ќе се бориме – кажа Мицкоски.
Владата е подготвена и за нови мерки. Се разгледува укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи кои сега имаат 5%. Во игра е замрзнување на маржите, но овојпат со нов модел – со постепено одмрзнување, за да не дојде до ценовен шок.
-Да видиме како ќе се одвива работава, да не брзаме со потези, анализираме. Не треба под притисок да се носат решенија. Подобро малку назад чекор да видиме, да се изанализира состојбата па потоа да направиме два напред. Така што не ни се брза. Не сакаме под притисок да носиме одлуки и решенија, коишто може да имаат сериозни последици. Овие впрочем долгови што денеска оваа Влада ги враќа, се токму резултат на такви избрзани политики без стратегија и богами многу криминални политики од минатото – изјави премиерот Мицкоски.
Снабдувањето со горива е стабилно, па затоа и не се размислува за ограничување на точењето, и покрај тоа што за тројно е зголемена побарувачката на бензинските во пограничните региони.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
