Македонија
23. March 2026 - 16:49

Дизелот поскапува за 3.5 денари, цените на бензините остануваат исти

Од полноќ дизелот поскапува за 3 и пол денари, бензините ќе се продаваат по стара цена. Регулаторната комисија пресече: БС-95 ќе се точи по 86,50 денари, БС-98 по 88,50, додека дизелот ќе стигне до 95,50 денари за литар.

Ова се максимални цени, што значи трговците може да одредат и пониски цени од утврдените. Министерката за енергетика прави напори да се зголеми попустот од 2 денари што го добиваат компаниите и на тој начин дополнително да се намалат цените што ги плаќаат граѓаните.

- Во тек се разговори за нов пакет на услови со кои би се постигнал уште посилен ефект врз стабилизацијата на цените на горивата, особено кај дизелот. Во таа насока, се очекува дополнителен придонес и од малопродажните трговци – велат од Министерството за енергетика

Новите цени Регулаторна ги пресмета откако Владата вчера на вонредна седница реши да го спушти ДДВ-то за горивата од 18 на 10%. Да не беше оваа одлука, бензините ќе беа поскапи за 6,5 денари, а дизелот дури за 10,5 и ќе надминеше стотка. Намаленото ДДВ стапува во сила на полноќ. Мерката ќе трае две недели, а за тој период државата ќе се откаже од речиси 3 милиони евра.

Регулаторната комисија денеска го измени правилникот за формирање на цените. Сега во случај да се сменат даноците или таксите што се вклучени во пресметката, ќе може да се носат вонредни одлуки за цените, без да се чека редовна седница. 

Во меѓувреме, денеска стапи во сила кризната состојба на територија на цела држава во период од 30 дена. Во одлуката објавена во Службен весник стои дека „ се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање заради следење на мерките“.

- Ние сме една од ретките влади во Европа кои директно од Буџетот го поддржуваат стандардот на граѓаните и така ќе продолжиме. Тоа за нас е најголем интерес и приоритет и тоа е целта на една народна влада како оваа. Имаме уште неколку мерки, но внимателно ја следиме ситуацијата. Граѓаните и бизнисот да бидат спокојни. Имаме предизивци, но електро-енергетската состојба е исклучително стабилна и снабдувањето со нафта и нафтени деривати е исклучително стабилно – кажа премиерот Мицкоски. 

Од СДСМ повторно критикуваат дека мерката е задоцнета и ќе нема ефект, затоа што поскапувањето на храната веќе започнало.

- Најзагрижувачко е што Владата нема никаква мерка за намалување на цените на храната. Без укинување или значително намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, цените ќе продолжат да растат, а животниот стандард ќе продолжи да паѓа – велат од СДСМ.

Владата засега не планира да воведе ограничувања за точење гориво и покрај притисокот од странци кои доаѓаат во земјава за да ги наполнат резервоарите по пониски цени. Потрошувачката е зголемена за речиси 150 илјади литри на ден, а најголема побарувачка има во пограничните делови.