Македонија
31. August 2023 - 16:36

ДКСК повикува и други институции да се вклучат во случајот ,,ЕУРОВИА‘‘

ДКСК ги повика и другите институции да се вклучат во случајот со донацијата на ЕУРОВИА во ДУИ. Тие веќе водат постапка, предметот е во завршна фаза. Истражуваат на кој начин била спроведен тендерот од 1,8 милиони евра кој го доби компанијата од Желино од МНР за да го организира настанот со ОБСЕ и незаконската донација на фирмата. 

ДКСК „Антикорупционерите велат дека нема да ја коментираат изјавата на министерот Османи дека тој не знаел дека фирмата била донатор на ДУИ и додаваат дека ќе се постапува како и по секој друг предмет досега, а за случајот според нив треба да се произнесат и другите институции. Информации се побарани, да се докомплетираат и другите информации што ги имавме и претходно од нивните страни, предметот е при крај и кога ќе бидеме комплетни ќе се произнесеме на некоја наредна седница.

Дека тендерската постапка била спроведена целосно според закон тврди и премиерот Ковачевски. Ако фирмата финансирала пари во ДУИ тој смета дека тоа треба да е јавно објавено. 

- Дали се или не се спонзори, тоа е регулирано со закон, ако финансирала треба да е објавено. Дали имало влијание врз изборот треба да провери ДКСК која најави случај. Би било сомнително ако е донатор, а добие најскап тендер, а уште пострашно е дека ако добиле тендер а не кажале дека се донатори. Тоа прашајте кај претходните. ДКСК ќе си го испита случајот, изјави Ковачевски. 

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека министерот Османи се заплеткал во сопствените лаги обидувајќи се да ја увери јавноста дека не знаел за донацијата. Опозицијата бара од Османи да се прознесе дали ќе го раскине договорот со фирмата.  

Реакции за случајот со ЕУРОВИА и тендерите пристигнаа и од албанската опозиција, Алтернатива и БЕСА. 

– Деловниот однос на ДУИ со компанијата што го доби тендерот од 1 милион и 800 илјади евра е очигледен и тоа јасно го докажуваат приходите и профитите на предметната компанија во последните години. Со други зборови, наведеното друштво, според официјални податоци, во последните две години, односно во 2021 и 2022 година, има зголемување за повеќе од 100% на прометот на приходите, односно сериозно зголемување на годишната добивка! - Хасим Муртезини, Движење Беса.

Ниту една од надлежните институции не добила писмен доказ дека вишокот донација е вратен, а не се знае ниту дали завршиле назад во фирмата или во буџетот на држава. 

Откако институциите потврдија за Сител дека парите биле вратени но една година подоцна, ниту ДУИ ниту надлежните не откриваат кога и каде се префрлени овие вишок донирани средства. Според извештајот кој ДУИ го испратиле до надлежните институции за примени донации, лани од вкупно 105 000 евра, две третини ги донирале фирмата Еуровиа Тетово и управителите Ељмедин Адеми и Бејтула Адеми во износ од 75 000 евра, што според законот е неколку пати повеќе од предвидениот лимит.