Доброволното противпожарно друштво во Василево веќе активно делува на терен
Доброволните противпожарни друштва стануваат се позначаен дел од системот за заштита и спасување. Пример за тоа е новоформираното друштво во Василево, кое само за четири месеци има реализирано повеќе интервенции и веќе го оправдува своето постоење.
Во моментов, друштвото има 14 доброволци кои се приклучиле на иницијативата и веќе активно учествувале во интервенции, не само на територијата на општина Василево, туку и во регионот. Посебно значајна била нивната логистичка поддршка на еден од најголемите пожари ова лето, на планината Готен.
Од друштвото информираат дека интересот за приклучување постојано расте и во блиска иднина се очекува зголемување на бројот на доброволци.
Од локалната самоуправа велат дека формирањето на друштвото било повеќе од потребно имајќи предвид дека општината нема сопствена професионална противпожарна единица, а ризикот од пожари е значително зголемен, особено во летниот период.
Доброволното противпожарно друштво од Василево располага со две противпожарни возила со капацитет од 5 и 2 тони вода, како и едно теренско возило наменето за интервенции во потешко пристапни подрачја. Возилата беа добиени како донација од општествено одговорна компанија која ја поддржа иницијативата со цел унапредување на безбедноста на локалната заедница.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар