Македонија
28. September 2026 - 17:11

Десетта жртва со западно-нилска треска во земјата

По 57 дена поминати на Инфективна, почина 70 годишен скопјанец со потврдена западно-нилска треска. Пациентот бил на одделот за интензивно лекување, имал повеќе коморбидитети и не успеал да се избори со компликациите од заразата. Тој е десетта жртва на вест најл вирусот годинава.  

- И покрај сите преземени мерки и постапки што ги изискува интензивна нега, за жал во текот на викендот натапи летален исход. Има само еден нов прием потврден тој е од 25 септември. Во моментот има седум хоспитализирани на клиниката од кои двајца се со потешка клиничка слика, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести. 

Над 60 годишна возраст се седумте пациенти кои во моментот се хоспитализирани на Инфективна. Од нив четворица се од Скопје а останатите од Велес, Тетово и Росоман. Сите се со тешка невроинвазивна форма на болеста која се јавува кај еден процент од заразените со западно-нилска треска. Стапката на смртност според инфектолозите не отстапува од европските рамки.
- Не би рекол дека имаме висок процент на смртност. Според нашите статистики тоа е во рамките и на земјите во светот каде имаат регистрирани случаи со западно-нилска треска, како Грција, Италија и други, вели д-р Цана.

Годинава во земјата се регистрирани 71 потврден случај на западно-нилска треска од кои 10 починаа.