Новата шефица на ОЈО ГОКК најавува поефикасен прогон, Алта банка е меѓу темите што се следат
Поефикасен кривичен прогон и максимално искористување на расположливите ресурси во борбата против корупцијата и криминалот – ова се приоритетите на новата шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Искра Хаџи Василева денеска даде свечена заклетва пред Советот на јавни обвинители, со што и официјално го започна четиригодишниот мандат. Вели дека фокусот ќе биде на предметите што го засегаат јавниот интерес и се од значење за граѓаните.
„Ќе се обидуваме да испорачаме поефикасен, директен кривичен прогон онаму каде што најмногу значи, ако може така да се изразам, во предмети и во однос на работи кои навистина го засегаат јавниот интерес и кои навистина се во интерес на сите нас, на граѓаните и на општеството“, изјави Искра Хаџи Василева, јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Меѓу актуелните теми што ги следи Обвинителството се и случувањата поврзани со Алта банка. Хаџи Василева вели дека новинарските истражувања можат да бидат значаен извор на информации и не ја исклучува можноста за постапување по допрен глас. Сепак, за да се преземат конкретни обвинителски активности, неопходни се факти и докази.
„Дали ќе преземеме нешто, зависи од она со кое во процесна смисла би располагале за да одиме обвинителски. Доколку дојдеме до тој моментум, се разбира дека сите овие се теми кои се следат будно и нè обврзуваат и по оној однос на допрен глас да почнеме да преземаме мерки, но за да имате обвинителски став, треба да имате нешто пред вас. Во овој момент, се разбира, тие се случувања кои како орган на кривичен прогон ги следиме“, вели Хаџи Василева.
На прашањето за ставот на премиерот дека парите не се причина за лошите резултати во правосудството, новата шефица не влезе во полемика, но порача дека обезбедувањето подобри услови за работа е една од нејзините обврски. Според неа, потребно е институциите да соработуваат, а обвинителството паралелно да работи на подобрување на сопственото функционирање.
„Се разбира дека една од моите задачи како менаџер на оваа институција е постојано да се обидувам да најдам повеќе ресурси, да ги подобрам условите во кои работат службите и обвинителите. Платите на обвинителите се многу коментирани досега и се нешто на кое мора да работи и да се подобрува, како што и ние мора да работиме и да го подобруваме нашиот квалитет“, вели Хаџи Василева.
Хаџи Василева функцијата официјално ќе ја преземе во понеделник од досегашниот шеф Ислам Абази. Во меѓувреме, таа продолжува да го води предметот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом беа пронајдени 350 илјади евра, за кои обвинителството се сомнева дека потекнуваат од незаконски активности.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
