Дојран ќе добие нова пречистителна станица
Дојран доби финансиска поддршка од Словенија за реконструкција на колекторскиот систем и изградба на нова прочистителна станица. Сумата во висина од 1 милион и 300 илјади евра веќе е одобрена, а наскоро треба и официјално да биде потпишан договорот со словенечката амбасада. Со овие средства и претходно добиените 135 милиони денари од страна на македонската влада општината ја заокружи финансиската конструкција неопходна за реализација на овој проект.
,,Овие средства се чекаа бидејќи треба да одат во пакет со средствата обезбедени од владата. Од владата имавме обезбедено 135 милиони денари кои што се веќе легнати на наша сметка, на наменска сметка и се чекаа средствата од Словенија, односно потпишувањето на договорот за да можеме да отпочнеме со распишување на тендерските постапки, бидејќи тие пари мора паралелно да се трошат, таква е програмата.,, вели Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.
Изградбата на нова станица и целосната реконструкција на колекторскиот систем ќе значи и конечно решавање на проблемот стар речиси четири децении.Во исто време од општината најавуваат дека трендот на развој на Дојран ќе го следат и останатите проекти од инфраструктурата.
,,Трендот што се случува овој момент во Дојран, односно развојот што му се случува мора да го следиме и ние како локална самоуправа во изградбата на вакви капацитети, не само за санирање на горливиот проблем кој што не мачи 40 години, туку и за изградба на нови водоводни мрежи, нови дотури на вода кои што не мачеа со години исто така. Сето тоа паралелно се работи и ние полека но сигурно го подготвуваме Дојран за една туристичка атракција не само во нашата држава туку и пошироко,, вели Ангов.
Прочистителната станица во Дојран со години работи само со еден блок и претставува еден од најгорливите проблеми. Првично општината планираше реконструкција на постоечката прочистителна станица, но деталните анализи што беа направени и физибилити студијата покажале дека изградбата на нова станица е подобро решение. Со новиот проект се зголемува капацитетот за прочистување на отпадните води кои се влеваат во езерото,а со тоа и поголема заштита на истото, но се добива е енергетски поефикасен објект со поголеми големи заштеди во потрошувачката на електрична енергија.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар