Македонија
19. September 2022 - 12:35

Дојран ќе го уредува брегот со европски пари

Дојран ќе вложи 250 000 евра за уредување на езерското крајбрежје. Се работи за средства добиени од страна на Европската Унија во рамки на  прекуграничната соработка . Парите  се наменети за  расчистување на делот  со  бујната вегетација , но и уредување на нови плажи со кои треба да се зголеми капацитетот за прием на туристи за време на летната сезона. Со реализацијата на овој проект во функција повторно ќе биде ставен  дел од крајбрежјето кој пред повлекувањето на водата важеше за еден од најатрактивните и најпосетуваните.

„Се работи на потегот од граничниот премин па се до плажата Фук так. Дел од тој простор го уредивме со помош на Југоисточен плански регион, сега продолжуваме во долниот дел кој  е еден од најубавите од пред повлекувањето на водата,  сега се става во функција“,  вели Анго Ангов-градоначалник на Општина Дојран

Освен расчистување на крајбрежјето проектот предвидува и ново осветлување како и санирање оштетените делови на пешачката патека.

„Ќе има и други пропратни активности со осветлувањето, санирање на дел од патеката која  што треба да се движи по самите плажи. Секако сета таа инфраструктура е потребна за функционирање на плажите, така што ќе имаме комплетни плажи ставени во функција“, вели Ангов.

Според најавите,  реализацијата сите активности за уредување на новите делови од крајбрежјето  треба да заврши пред почетокот на следната туристичка сезона.