Насилството кое децата го премолчуваат
Насилството меѓу учениците не секогаш е видливо веднаш. Зад молкот, повлекувањето или промените во однесувањето може да се крие проблем кој детето не знае или не се осмелува да го пријави. Токму затоа, клучна е навремената реакција на оние кои секојдневно се во контакт со учениците. Со цел полесно препознавање и правилно постапување во вакви ситуации, Штипскиот универзитет промовираше прирачник со комуникациски протоколи за различни форми на насилство.
- Овој комуникациски протокол се занимава со петте видови насилство: физичко, емоционално, сајбер-насилство и сексуално насилство, но се занимава само со првото ниво, затоа што во теоријата и во нашата легислатива се делат на три нивоа. Првото е најбезопасно, најелементарно, физичко-емоционално, второто ниво е посериозно, а третото е најсериозно со физички последици, изјави Трајче Стојанов, Декан на ФОН, УГД – Штип.
Пријавувањето на насилството, сепак, останува еден од најголемите предизвици. Стравот од реакцијата на насилникот, недовербата или чувството дека никој нема да им помогне може да ги натера децата да молчат. Возраста, исто така, игра улога, па помладите полесно зборуваат за проблемите отколку повозрасните ученици.
- Ниту едно дете не треба да се плаши да оди во училиште, како што ниту еден наставник не треба да биде оставен сам да се соочува со насилството, затоа што лесно е да го препознаете, но понекогаш наставниците не се сигурни дали постапуваат правилно. Токму овој прирачник им нуди точни насоки и комуникациски протоколи како да постапуваат кога ќе се соочат со различен вид насилство, како да му се обратат на ученикот жртва, на ученикот насилник, како да се обратат до родителите и до стручните служби и, во соработка, сите заедно да постапат соодветно, изјави Даниела Коцева, универзитетски професор, ФОН, УГД – Штип.
Според најновите истражувања на УНИЦЕФ, 23 проценти од младите на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш, додека во МОН, во последните три години, просечно се пријавуваат по околу 50 случаи на врсничко насилство во училиштата.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
