Судијата Ристов го оспорува начинот на собирање на доказите
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов и неговите адвокати го оспоруваат начинот на собирање на доказите откако биле откриени 350-те илјади евра соѕидани во неговиот фамилијарен дом. Според криминалистот кој го ангажирале за да ги анализира доказите собрани во домот на родителите на судијата, направени биле низа пропусти.
Вештакот Атанас Козарев, во судницата тврдеше дека непрописно се ракувало со алуминиумксите фолии во кои биле завиткани парите, а постоел и ризик од контаминација со други биолошки траги.. Фолиите биле оставани на подот, па можен бил пренос на ДНК траги од судијата Ристов бидејќи тој претходно бил во просторијата и помагал во разместување на кујнските елементи.
„Тој не го оспорува ДНК-вештачењето, кое е неоспорно, но го оспорува начинот на кој се обезбедени ДНК-трагите и дека постои реална можност од нивна контаминација. Значи, тој го оспорува материјалот што е вештачен затоа што според стандардите што требало да бидат применети, а и оваа држава е потписник на истите протоколи, не се почитувани“, изјави Ѕвонко Давидовиќ.
Според обвинителството, вештачењето не укажало на суштински наоди кои би ја загрозиле веродостојноста на ДНК трагите од судијата пронајдени на алуминиумските фолии.
„Денеска, во судницата имавме технички советник, но тоа што го има изготвено не може да се нарече вештачење. Самиот тој го крсти како наод и стручно мислење и заклучоци. И тоа е, на крајот на краиштата, и доследно. Зошто? Бидејќи ова е осврт кон постапувањето на овластените службени лица на местото кога е вршен претресот. Тоа не е стручен наод со кој се дискредитира или пандан на она што е вештачење на трагите од биолошко потекло, што е доказен материјал од страна на Обвинителството“, изјави Искра Хаџи Василева, Јавен обвинител на ОЈО ГОКК.
Судењето продолжува на деветти идниот месец, кога своја одбрана ќе треба да даде и обвинетиот судија.. На Ристов му се суди дека незаконски ги стекнал пронајдените 350 илјади евра, тој пак тврди дека парите се децениска заштеда на неговите родители.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
