Македонија
20. November 2026 - 16:35

ОЈО Охрид: Поднесено обвинение против две лица и две фирми поврзани со смртта на Љушев

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против две физички и две правни лица за смртта на охридскиот снимател и продуцент Кристијан Љушев, кој на 12 јануари загина при пад од четврти кат во лифтовско окно во зграда која е во изградба. Љушев, кој бил ангажиран како помошник-монтер за внесување мебел, се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал. Од падот се здобил со тешки телесни повреди и починал на самото место.

Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа.

„Првообвинетиот, кој бил одговорно лице во фирмата, не постапил според техничките правила за мерките за заштита – предвидени во Законот за градење, и со тоа предизвикал опасност за животот на луѓето. Како инвеститор, тој градел зграда, но иако објектот сè уште бил во градба, не презел заштитни мерки – лифтовското окно во објектот не го заштитил со заштитна ограда, градилиштето не го одржувал во уредна состојба, без непотребен шут и отпадоци, влезот во зградата не го обезбедил за да не влегуваат неовластени лица, а на скалите не поставил огради за да се спречат несакани падови“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Обвинителството ги товари и второто правно лице и неговиот управител за непочитување на прописите за работни односи и безбедност при работа. Според обвинението, Љушев бил ангажиран без договор за вработување, односно во непријавен работен однос, како помошник-монтер.

„Без увид и проценка на работната средина, работниците работеле врз основа на усмен работен налог од управителот во работен простор – зграда во изградба, каде што постоеле зголемени опасности и ризик по нивната безбедност. Со ваквото непридржување до прописите за мерките за заштита, обвинетиот предизвикал опасност по животот на работникот“, посочуваат од ОЈО Охрид.

Со цел да спречи статусни промени и отуѓување на имотот на правните лица во текот на постапката, јавниот обвинител до Основниот суд во Охрид достави и предлог за определување мерка за обезбедување – забрана за статусни промени во двете обвинети фирми.