МВР со апел – заштитете ги децата од опасностите од насилната „764” онлајн група
Колку опасната и насилна онлајн група “764” е распространета и кај нас и ги демне и македонските деца? Чудно однесување на ученици со таинственост а некои и со необјаснети повреди. На вакви пријави работи и Министерството за внатрешни работи од каде денеска упатија апел до родителите и јавноста да ги заштитат своите најмили и да ја препознаат опасноста од онлајн заедницата – “764”. Не откриваат повеќе детали кој пријавил и од каде.
- Во тек се активности за проверка и анализа на информациите, при што се испитува и евентуалната поврзаност со групата „764“, имајќи предвид дека во одредени случаи се забележани елементи кои укажуваат на таква можност, велат од МВР.
Од Министерството за внатрешни работи предупредуваат дека за сериозноста на оваа појава уште од минатата година алармираат и меѓународни безбедносни институции а американското ФБИ ја поврзува групата и со нихилистички и екстремистички заедници.
Опасната 764 дејствува преку различни социјални мрежи а децата и малолетниците ги таргетира најчесто преку популарните платформи Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat, Reddit, X (поранешен Twitter), Minecraft и Fortnite, каде комуницираат и играат заедно со врсници од други земји, позади чии наводно пријателски профили можеби стои опасен манипулатор.
- Најчесто, контактот со децата и младите го воспоставуваат претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос. Откако ќе ја стекнат нивната доверба, започнуваат со манипулации, закани и уцени, со цел да ги принудат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија кои можат да имаат животозагрозувачки последици, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
* Зголемена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот;
* Интензивна комуникација со непознати лица преку социјалните мрежи и платформите за онлајн игри; * Примање заканувачки пораки, уцени или барања за испраќање фотографии и видеоснимки;
* Необјаснети повреди, исеченици, гребнатини или други можни знаци на самоповредување;
* Изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство, ова се ненадејните промени во однесувањето на детето на кое треба да внимаваат родителите.
Секој сомнеж или информации поврзани со опасната група да бидат пријавени до секторот за комјутерски криминал при МВР.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
