Доктори од Словенија: Онколошки пациенти се лекувале со погрешна терапија
Давање лекови без конзилијарно мислење, некомплетна историја за другите болести и хемотерапија која го кратела животниот век на пациентите – ова се само дел од неправилностите кои ги откриле лекарите од Словенија кои по барање на обвинителството анализираа како тројцата обвинети онколози ги лекувале своите пациенти.
Маја Равник и Јасмина Јордан од Медицинскиот факултет во Марибор сведочеа денеска на судењето во кое обвинети се Нино Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Словенечките лекари, вештачеле болнички истории на 51 пациент од Македонија, но како што рекоа во судницата, за само еден постоела комплетна документација за текот на лекувањето.
„Терапијата мора да биде во согласност со протоколите за лекување. Генерално, медицинската документација за пациените беше нецелосна. Во голем број случаи наведено е дека пациентот добивал лек, но без да е забележано дали е направена анамнеза, клинички преглед или конзилијарно мислење“, изјави во судницата Маја Равник, Медицински факултет во Марибор, Словенија.
И во судницата се анализираa историите на болеста за секој од пациентите. Според словенечката докторка, онколошките болни добивале погрешна или задоценета терапија.
„Целокупното лекување со имунотерапија и хемотерапија без индикација, докажано водело кон напредување на болеста што е констатирано со документацијата“, рече во судницата Равник.
За одбраната, наводите на докторката од Словенија биле теоретски. Комбинацијата и менување на терапијата, обвинетите онколози често ја правеле и заради недостиг од лекови на позитивната листа.
Васев, Црвенкова и Јакимовски се обвинети за несовесно лекување и тешки дела против здравјето на луѓето. Идниот месец ќе сведочат и доктори од Србија кои по барање на обвинителството проверувале како нивните колеги од Македонија лекувале онколошки пациенти.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
