Домаќинствата во Струмица добиваат можност да аплицираат за зелени грантови
Со поддршка од УНДП домаќинствата во Струмица добиваат можност да инвестираат во енергетски ефикасни и еколошки решенија за своите домови. Станува збор за програмата ,,Поддршка за домаќинства , грантови за зелена енергија,, која се спроведува преку Фондот за зелено финансирање.
Преку неа се обезбедува финансиска поддршка за воведување енергетски ефикасни мерки во домаќинствата, насочени кон намалување на потрошувачката на енергија и трошоците за греење и ладење.
Аплицирањето се одвива преку партнерските финансиски институции, а по реализацијата на инвестицијата корисниците можат да добијат грант до 30% како неповратни средства. На овој начин се овозможува директно влијание врз намалувањето на загадувањето и подобрувањето на квалитетот на воздухот, вели Гордана Поповиќ Фридман, проект менаџер во УНДП.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, смета дека ова е уште еден од начините за справување со аерозагадувањето. Тој најави дека покрај проектите реализирани со партнери како УНДП, општината спроведува и низа други мерки насочени кон подобрување на амбиенталниот воздух.
Програмата ,,Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и справување со климатските промени,, е заедничка програма на ОН во нашата земја, која ја спроведува УНДП заедно со Меѓународната организација за миграции, Европската банка за обнова и развој, Владата на Република Македонија и локалните финансиски институции. Програмата е активна до 2027 година.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
