Донесена е одлука за избор на изведувач за Универзална сала, се чека второстепената комисија да се произнесе по жалбата

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со процесот на реконструкција на Универзалната сала, рече дека е донесена одлуката за избор на изведувач и оти се чека да се произнесе второстепената комисија по однос на жалбата.
-Евалуацијата на документацијата заврши, ја донесовме одлуката за избор на изведувач, тоа беше минатиот понеделник. Чекавме десет дена, претпоследниот ден се појави жалба во однос на одлуката, и сега чекаме второстепената комисија за жалби да се произнесе по однос на таа жалба. Претходниот пат падна тендерот, овој пат се надевам дека тоа нема да се случи, и ако се биде во ред, не знам на која седница на второстепената комисија за жалби ќе се донесе одлуката, но штом се донесе одлуката, веднаш пристапуваме кон потпишување на договорот и почеток на реконструкцијата, бидејќи и средствата се обезбедени за изградба на Универзалната сала, истакна Љутков.
Рече дека процесот за избор на понудувачи бил многу отворен, и на повикот се јавиле само двајца кандидати.
-Тоа е многу отворен процес. Ние се надевавме дека ќе има повеќе кандидати за изградба на Универзална сала, но сепак имаше само двајца понудувачи, од кои што на едниот како што одлучи комисијата, да не бидам погрешно сфатен, лиценците после пожарот во Кочани на одредени изведувачи им беа дали одземени, дали привремено одземени, но тој не ги исполнуваше условите, само една компанија ги исполнуваше условите и донесовме одлука таа да биде изведувач на Универзална сала, рече Љутков.
Инаку, како што беше наведено во јавниот повик, рокот за изведување и завршување на целиот објект изнесува две години, а тој рок ќе започне да тече 10 дена од денот на воведување во работа на економскиот оператор.
Новата Универзална сала ќе ја задржи постојната форма, но ќе биде целосно модернизирана со капацитет од 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи. Со цел да се подобри структурната стабилност на објектот и да се зголеми енергетската ефикасност на објектот, како што беше наведено во тендерот, планирано е изработка на нова челична конструкција со изведба на нови темели за новите столбови, нова челична конструкција за куполата, изработка на нова фасадна облога, покривање на куполата со нови енергетско-ефикасни материјали, но и проверка на јакоста на постојната бетонска и на употребливите елементи од постојната челична конструкција.
МИА
Ново на Сител
-

Работнички протест на ССМ во Скопје со барање за минимална плата од 600 евра
-

Над 100 малолетници загинале во Либан поради војната додека раселувањето нагло расте
-

Во Кочани литургија и општ парастос за упокоените во пожарот во дискотеката „Пулс“
-

Најмалку 77 бродови поминале низ Ормускиот Теснец од почетокот на воените дејствија во регионот
-

Облачно со услови за повремен локален дожд
-

Еј-Би-Си: САД испраќаат 2.200 маринци на бродови кон Блискиот Исток
-

Како Brainster ги поместува границите на образованието? | Ања Марија Макеска | Sitel Podcast 141
-

Церемонија на свечено менување на државното знаме во Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова
