Македонија
6. February 2026 - 21:06

Драган Ковачки нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот Ковачки нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Тој во раководството останува сам со Мицкоски бидејќи после вечерашниот ЦК се укина фунцкијата потпретседател за сите кои претендираат да седнат на претседателското столче во 2029-тата да имаат еднаков терен. 

Досегашните потпретседатели остануваат во ИК. Како и координаторот Мицевски, неговата заменичка Стојановска, пратениците Милошоски, Мизрахи и Ели Панова. Во составот остануваат и градоначалникот Пецаков, портпаролката Митева и владиниот генерален секретар Игор Јанушев.  ИК се зајакнува и со седум нови членови. 

Распишан е и оглас за нов претседател на Унија на ветерани, унија на жени и унија на млади сили. Овие имиња исто така ќе бидат дел од новиот состав на ИК. Ивица Томовски е новиот организациски секретар на партијата. Владимир Нелоски останува шеф на Кабинетот на Мицкоски и во партија и во Влада. 

До почетокот на мај, евентуално јуни се очекува да се комплетира и новиот состав на општинските комитети на партијата. Паралелно додека тече овој процес, Мицкоски ќе ја прави најавената реконструкција на влада. Финалната реформа во партијата се заокружува на есен, кога следи фаза на ажурирање на членовите.