Македонија
5. March 2026 - 16:34

Државата мора да издвои повеќе пари ако сака да се справи со семејното насилство

Државата мора да издвои повеќе пари ако сака да го намали семејното насилство кое, според официјалните податоци, постојано расте. Платформата за родова еднаквост бара државата да најде пари за навремена и ефективна заштита и поддршка на жртвите, но и пари за зајакнување на капацитетите на Центрите за социјална работа и полицијата како први институции кои доаѓаат во контакт со жртвите. 

Дополнително, доколку државата сака да ги избегне трагедиите како таа во понеделникот кога 32-годишната Ивана скокна од шестиот кат заедно со својата ќерка Катја, ќе мора да издвои и повеќе пари за самите жртви.

-Тоа е обезбедување на континуирана финансиска помош во периодот на транзиција, односно во првите 12 месеци по разводот од бракот или разделбата. Понатаму, обезбедување на бесплатна секундарна правна помош што подразбира застапување од страна на адвокат, но и покривање на сите судски трошоци во сите постапки коишто ги водат жените пред надлежните судови. Непречено остварување на правото за бесплатна здравствена заштита, значи пристап до здравствени услуги за закрепнување од насилството и конечно, изнаоѓање на системски решенија, дали преку обезбедување на социјални станови или субвенционирање на месечните сметки за кирија, со цел решавање на проблемот со домување на долгорочно ниво, вели Стојан Мишев од ЕСЕ. 

Во Собранието денеска се одржа седница посветена на Денот на жената – 8 март. Очекувано, фокус на седницата беше токму семејното насилство. Претседателката на државата беше поприлично остра кон институциите кои не реагираат. 

-Зошто системот на социјална заштита, полицијата, обвинителството и судството не реагираат на време или како што треба? До кога ќе ги менуваме законите, наместо оние кои не ги применуваат?, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова. 

Според неа, постојано се менуваат законите, но во пракса не се менува ништо.

-Не е доволно во Кривичниот законик да предвидиме кривично дело фемицид кога толку често доаѓа до негова преквалификација. Ако надлежните не постапуваат екс официо, односно по службена должност, тогаш тоа го овозможуваат, ако се преферира условната казна наместо највисоката, исто така, рече Сиљановска Давкова. 

Пратеничките главно имаа забелешки на нефункционалноста на системот и покрај донесените закони кои би требало да гарантираат безбедност и заштита.

-Вистинската правда не се мери со напишани закони, туку со спасени животи. Законот мора да се спроведува решително и без компромис, рече пратеничката Дијана Тоска

-Дали треба уште едно име да стане хаштаг? Уште едно дете да остане без мајка, или уште едни родители без ќерка за институциите да сфатат дека молкот навистина убива. Пријави за семејно насилство, закани, но од другата страна институционален молк. Додека ние овде во Собранието постојано зборуваме за Стратегии, достигнувања и родова еднаквост на хартија, жените ни умираат во реалноста, рече пратеничката Моника Зајкова.

Случајот со Ивана и Катја е последниот од низата. Во првите два месеци од годината невладините регистрирале четири загубени животи како последица на родово и семејно насилство. Податоците од институциите покажуваат дека дури и кога случаите ќе отидат на суд и ќе добијат судска разврска, насилниците главно поминуваат со условни казни.