Државната ревизија утврди повеќе неправилности во Aгенцијата за вработување
Фаворизирање само на одредени региони за мерките за вработување, нерамномерно распределување на парите, сомнителни тендери и доминантно ангажирање на еден адвокат... Државниот завод за ревизија утврди повеќе неправилности за работата на Агенцијата за вработување во 2024 година.
За 14-те програми биле потрошени околу 23.5 милиони евра, што е за 16 отсто повеќе од претходната година, а најголем број од средствата им се доделени на 4,5 општини: Скопје, Струга, Тетово и Куманово и Пробиштип за некои од мерките
- При распределбата на средствата не е обезбеден принципот на рамномерен регионален развој. Кај одделни активни мерки исплатите во скопскиот и дел од западните плански региони ја надминувале утврдената квота и до четири пати, додека регионите од централниот и источниот дел на државата добиле помал обем на средства, соопштија од ДЗР.
Ревизијата утврди слабости во постапката за остварување на правото на паричен надоместок, кои се однесуваат на некомплетна документација, немало воспоставена електронска размена на податоци со Фондот за Пензиско како и отстапувања при утврдувањето на висината на надоместокот. Констатирани се и сомнителни договори за вработување.
Во извештајот е посочено и дека речиси 80 проценти од околу 94.000 евра за адвокатски услуги, медијација, вештачења и судски такси биле реализирани преку еден адвокат, а притоа дел од исплатите биле извршени без целосна поткрепувачка документација и без контрола на фактурираните услуги.
Ревизијата утврдила и дека членовите на Управниот одбор добивале парични надоместоци дури и за месеци кога воопшто не се одржувале седници.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
