Македонија
24. July 2025 - 16:36

Државните спортски објекти се управувани од претпријатие кое престанало да постои во 2017, вели ДЗР

Сериозни пропусти и нерегуларности во работењето на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти – покажа најновиот извештај на Државна ревизија.

Со години не е направен попис на имотот, долговите и побарувањата. Дел од документите наводно се изгубиле во поплава, а други биле одземени од институции во истраги. Претпријатието располага со недвижности, опрема и средства вредни 32 милиони евра, но не знае што точно поседува.

„Јавното претпријатие не располага со точни податоци и информации за спортските објекти во сопственост на државата со кои управува, не е извршено запишување во јавните книги, што создава ризик за незаконско постапување со државниот имот“, стои во извештајот.

Ревизијата покажува дека иако претпријатието формално било укинато, Владата не го спровела тој процес до крај, па тоа и понатаму постои и прави нови долгови. 

„Во извештајот обелоденуваме состојби што се однесуваат на не преземање на мерки и активности за спроведување на законските одредби од страна на Владата и Агенцијата за млади и спорт по укинувањето на ЈП, поради што ЈП сеуште опстојува  и работи, има активен статус во Централниот регистер, не е решен статусот на вработените, се генерираат нови обврски и загуби од работењето како и загуби на имотот на државата“, велат ревизорите. 

За плати и надоместоци се должат над 990 илјади евра, а нема никакви договори кои го објаснуваат тоа. Платите, според ДЗР, се исплаќале преку разни трансакции, во 2023 година вработени биле само четири лица – двајца од нив директори на в.д. позиција.

Од половина милион евра обврски кон добавувачи, за речиси 160 илјади евра нема податоци кој ги издал фактурите. Околу 140 илјади евра се неплатени сметки за струја, вода, пошта... 

Објекти се давале под закуп на 20 до 30 години по ниски цени. Има случаи каде објекти се користат бесправно и покрај раскинати договори, а дел се оставени да пропаѓаат бидејќи општините не ги презеле.